Над 90 отсто гласале за независност на Каталонија

Над 90 отсто гласале за независност на Каталонија

На референдумот што се одржа на 1 октомври за независност на Каталонија се изјаснија 90,18 отсто од гласачите, покажуваат конечните резултати од гласањето што денеска ги објави каталонската регионална влада. Против отцепување на Каталонија од Шпанија се изјасниле 7,83 отсто од гласачите.

На референдумот гласале 2,28 милиона од 5,3 милиони жители на Каталонија со право на глас, односно помалку од половина.

Официјалните резултати објавени во петокот се слични на прелиминарните резултати што ги објавија официјалните претставници по изборите.

Бројката од 90 отсто не ги одразува ставовите на сите во регионот бидејќи некои противници на независноста останаа настрана по изјавата дека гласањето е незаконско.

Слични неофицијални референдуми за да се измери поддршката за независност во регионот, вклучувајќи го и оној што се одржа во 2014 година, покажаа над 80 отсто поддршка за отцепување.

Каталанскиот водач Карлес Пучдемонт во вторникот треба да се обрати до парламентот на Каталонија во врска со актуелната политичка ситуација.