Напредокот во процесот на европската интеграција утре на владина седница

Напредокот во процесот на европската интеграција утре на владина седница

Владата утре ќе ја одржи 38. седница на која ќе ги разгледа состојбата и напредокот во процесот на европската интеграција, користењето и имплементацијата на фондовите на ЕУ и статусот на реализација на приоритетите за влез во НАТО.

На дневен ред на утрешната седница ќе се најде и предлог-законот за ратификација на договорот меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина за заемно признавање и замена на возачки дозволи.

На утрешниот дневен ред ќе се најдат и информациите за модели за подобрување на функционирањето на проектот „Отворање народни кујни“, како и за текот на активностите поврзани со книгите од проектот за превод и печатење 50 универзитетски учебници, кои се употребуваат на првите 10 рангирани универзитети во согласност со Шангајската листа за 2015 година.

Министрите на седницата ќе ја разгледаат и информацијата во врска со потребата од склучување анекс кон договорот за доделување државна помош, склучен со Владата на Република Македонија и компанијата корисник на ТИРЗ Штип – „Џонсон контролс“ ДООЕЛ Штип.

Министрите во рамките на седницата ќе ја разгледаат и информацијата за изменување и дополнување на спогодбата помеѓу Владата на Република Македонија и Европската комисија за финансирање во однос на повеќегодишната оперативна програма „Регионален развој“ за помош од Заедницата за инструментот за претпристапна помош во рамките на компонентата „Регионален развој“.