Началникот на Генералштабот на АРМ во работна посета на Бугарија

Началникот на Генералштабот на АРМ во работна посета на Бугарија

Меѓусебната соработка во зајакнување на постоечката соработка во областа на военото образование, едукација на воено-медицински кадар, соработка во воената обука на специјалните сили, соработка во военото воздухопловство и противвоздушна одбрана, користење на ремонтните заводи на Република Бугарија и можна соработка на полето на аквизицијата беа во фокусот на средбата на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија – генерал-потполковник Методија Величковски  со НГШ на вооружените сили на Р Бугарија, генерал-потполковник Андреј Боцев.

Од страна на Величковски беа претставени капацитетите и можностите за изведување заедничка обука на армискиот полигон „Криволак“.

Генералите изразија увереност дека добрата меѓусебна соработка во полето на одбраната и добрите односи во регионот се од значење за севкупната стабилност и безбедност која уште повеќе ќе зајакне по заокружување на процесот на прием во НАТО на сите земји-членки на иницијативата САД-Јадранска повелба.

Овие заложби беа повторени и за време на состанокот на делегацијата на АРМ со заменик-министерот за одбрана Анатолиј Величков при што се искажа поддршката и подготвеност за забрзување на процесите за евроатланска интеграција на Република Македонија.

Делегацијата на АРМ во текот на денот ќе оствари посета и на Воената академија „Г.С Раковски“ каде што покрај средбата со началникот на Академијата, генерал-мајор Груди Ангелов, ќе се разгледаат можностите за понатамошно продолжување на школувања на припадници на АРМ во оваа военообразовна институција.

Во текот на утрешниот ден делегацијата ќе го посети и воениот центар за симулации „Чаралица“.

Досегашната соработка помеѓу АРМ со ВС на Р Бугарија е изразена преку школување на македонските старешини на високите воени школи, различни курсеви и обуки и соработка помеѓу единиците на воена полиција и специјалните единици.