Никовски контра Фрчкоски: Во кој правец оди Македонија? (ВИДЕО)

Никовски контра Фрчкоски: Во кој правец оди Македонија? (ВИДЕО)

По промената на владејачката гарнитура, а во очекување на формирање нова Влада предводена од мандаторот Зоран Заев, се сублимира што е направено изминатите десет години и какви политики се водени. Според дипломатот Ристо Наковски, владата на ВМРО-ДПМНЕ вовела ново ниво на активности и работела 24/7.

„Во многу области постигнаа извонредни резултати кои не се споредливи во овие 25 години независност и самостојност. Меѓутоа, имаше грешки и пропусти. Како резултат на тие пропусти и меѓународниот фактор, дојде до оваа политичка криза и насилната промена на власта“, вели Никовски.

Универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски вели дека изминатите години сме искусиле авторитарен популизам, односно полудиктатура со фасада на демократија.

„Кај нас владејачката партија, која имаше намера да го претставува целиот народ, како органско единство, се претвори во еден монструм кој окупира и колонизира цела цржава. Ние имаме заробена држава, во која демократските институции не можеа да фунцкионираат на нормален начин и таквата власт на својата агенда нема мирно предавање на власта“, вели Фрчковски.

Никовски и Фрчкоски имаат различни согледувања и кога во прашање е функционирањето на новата власт.

„Оваа влада многу тешко ќе функционира, ќе видиме како ќе одат работите. Мислам дека странскиот фактор, кој стои зад новата влада, ќе дава голема помош, ќе дадат некои проекти, ќе дадат нешто, ќе направат нешто спектакуларно, па дури да е подарок на оваа власт. Меѓутоа, во целина, мислам дека таа тешко ќе се одржи“, вели поранешниот дипломат Ристо Никовски.

 

„Не можат сите да имаат ист принцип на работа, јас не верувам дека тоа може да се случи. Ова, за жал, е наше искуство кое отиде до крај и заокруживме еден систем кој ниту Босна, ниту Србија не го направи. Сега ние ќе бидеме ставени пред нов почеток, во обнова на нашите институции, бидејќи ние имаме разорени институции. Тука, најверојатно, ќе се почне со судството, државната администрација, неминовен е генералниот реизбор на судството, меѓутоа пред истиот, мора да се најде начин за смена на оние 30 судии кој го држат заробен овој систем“, вели универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски.

На прашањето дали ќе има промени во раководствата на политичките партии, Наковски вели дека тоа не е наше да цениме, а, пак, Фрчковски вели дека за него е важно правдата да биде задоволена.

„Тие гарнитури се меѓусебно конфронтирани и тоа е штетно за државата. Меѓутоа, тоа е нашата реалност. Зад сите тие конфронтации се крие странскиот фактор, кој го менаџира тоа. Најстарата политичка и дипломатска докторина е подели па владеј. Токму тоа ни се случи нам“, додава Никовски.

„Видете, оваа година добро почна. Заев е премиер, веројатно Мурињо ќе дојде во Скопје и третиот комплет е Груевски во Шутка. Со тој триаголник, годината е надежна. Тоа воопшто не ме интересира, тој мора да оди на судење и во затвор, а тоа со партијата воопшто не ме интересира, зашто во таа смисла тој е готов. Правда мора да се додели“, додава Фрчкоски.

Поранешниот дипломат Никовски вели дека новата влада ќе има краток рок на траење, додека Фрчкоски предвидува дека оваа гарнитура ќе „преживее“ цел мандат.

Кристијан Ландов