МАКФАКС

НЛБ банка во ист ден објави добивка и пријави грабеж

НЛБ банка во ист ден објави добивка и пријави грабеж
12.04.2017, 13:52

Случајно или не, но токму на 10 април денот кога НЛБ банка објави дека е во добивка од околу 24 милиони евра, попладнето директорот на трезорот во банката го пријавил грабежот на парите во МВР. Следниот ден на 11 април Банката на веб-страницата објави предлог-одлуки за одржување на годишното собрание на акционери на НЛБ, на кое, меѓу другото, се очекува да се разгледува годишниот извештај за работата на банката за 2016 година. Годишното собрание е предвидено да се одржи на 11 мај. Инаку, денеска во посета на банката е претседателот на Надзорниот одбор на НЛБ банка за Македонија, Блаж Бродњак, посета која официјално била најавена пред неколку месеци.

Најголемиот грабеж на банка во историјата на Македонија, од околу 3 милиони евра, кој се случи во НЛБ банка, зад себе остава отворени многу прашања. Првото и веројатно најсимптоматично е како осомничениот успевал три дена по ред да го празни трезорот на банката, а тоа да помине незабележано? Банкарски експерти кои ги контактираше Макфакс тврдат дека секоја комерцијална банка во земјава прави дневна и неделна проверка на состојбата на трезорот, па останува енигмата дали потфрлила внатрешната контрола?

Во соопштението што денеска го лиферуваше МВР пишува дека осомничениот за грабежот Б.С. искористил погодна прилика и познавајки го процесот на работа, грабежот го извршувал во време кога во трезорот имало намалена френкфеција на вработени лица и незабележан од никого.

Четириесетгодишниот осомничен според извештајот на МВР, дел од парите ги испраќал по авион, а 1000 франци зел за себе: „Првиот износ го затаил од пратка на износ од 1.000.000 швајцарски франци на тој начин што од вкупниот износ пред испраќање на средствата по авионски пат, извадил едно врзопче со 100 банкноти во апоени од 1.000 швајцарски франци (100.000 франци) кои ги присвоил за себе“. „Вториот износ го затаил искористувајќи погодна прилика при што, незабележан од никого, во неколку наврати првично противправно присвоил 375.000 евра готовински парични средства од трезор, а потоа и 300.000 швајцарски франци кои му биле доверени согласно работните задолженија во НЛБ Тутунска банка“.

Парите ги нема

Во полициската станица во Кисела Вода бил извршен распит со осомничениот, но не се откриваат детали дали кај него се најдени украдените пари, кои биле мотивите за кражбата, и дали приведеното лице соработувало со други лица. МВР во соопштенито посочува дека на 10 април, осомничениот Б.С. соочен со фактот дека е невозможно да се раздолжи со настанатиот кусок на парични средства присвоени од негова страна, свесно присвоил два милиони швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор, при што парите ги ставил во украсна кеса и околу 13 часот повторно незабележан од никого ја напуштил НЛБ Тутунска банка упатувајќи се во непознат правец.

Ќе се прегледуваат снимките од видео-надзорот

Основното јавно обвинителство – Скопје издаде наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот и комплетната документација од банката, како и за обезбедување на листинзите од телефонската комуникација на осомниченото лице. По предлог од надлежниот јавен обвинител, судија на претходна постапка на осомниченото лице му определи мерка притвор во траење од 30 дена.

Заштедите се сигурни

 Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје, Антонио Аргир, по грабежот од трезорот во банката, изјави дека сите средства на клиентите се апсолутно безбедни и тие не треба воопшто да се загрижени. Аргир посочи дека Банката ги има преземено сите мерки за осигурување на своите редовни активности.  Аргир истакна дека во интерес на истрагата нема да ги коментираат настаните, се додека таа не биде целосно завршена.

„Уверено можам да изјавам дека, настанот нема влијание на секојдневното тековно работење на Банката и НЛБ Банка АД Скопје ја продолжува својата успешна работа, како креатор на современи и сигурни банкарски услуги за нашите клиенти, истовремено постигнувајќи одлични финансиски резултати, како и досега“ вели Аргир.

Најголема украдена сума од банка во историјата на Македонија

Најголемиот поединечен вооружен грабеж на возило со пари, е тој од декември 2005 година, кога на уличката во скопска Топана, под касарната „Илинден“, од комбе на „Македонска пошта“ беа украдени 670.000 евра, а најголемиот грабеж на пари од банка е од 9 јануари 2010 година, кога од „голф“ на „Стопанска банка Битола“, на патот Прилеп-Битола, кога под закана со оружје беа однесени 450.000 евра.

Oд НЛБ банка сè уште не ни доставија одговори на поставените прашања.

Васко Маглешов

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *