Нова книга: „Културноисториски проникнувања“ за феноменот на македонскиот културноисториски идентитет

Нова книга: „Културноисториски проникнувања“ за феноменот на македонскиот културноисториски идентитет

Здружението за проучување на македонската народна култура „Гирланда“ ја објави книгата „Културноисториски проникнувања“ од проф. д-р Илија Велев. Книгата претставува заокружено истражување и културолошко презентирање на цивилизациските слоеви во македонскиот културноисториски идентитет.

Професорот Велев го проследува феноменот на македонскиот културноисториски идентитет преточен со глобалните искуства од врските и влијанијата во составите на повеќето големи империи, при што секоја современа национална култура и современ народ имаат еднакво право да ја напојуваат сопствената традиција од заедничките културноисториски извори.

– Притоа националниот културен белег што македонскиот народ го наследил и со себе го носи како сопствена препознатлива традиција во современоста, тој не може да се отуѓува или да се посвојува и присвојува – зашто овој феномен претставува јасно препознатливо средство за потврдување на етничката самобитност и припадност, соопшти издавачот.

Според авторот, таму се наоѓа и индивидуалното чувство на денешниот Македонец како поединец дека не е сам во личниот идентитет, зашто него го придружуваат колективните спомени за сопственото поколение.

Предметот на истражувањето за културноисториските проникнувања професорот Велев го прифаќа ангажирано и смета дека во моментов, за нас Македонците, тоа е суштествено зашто живееме во сопствена современа држава што преку своите академски, научни па дури и политички институции не успева (а и доволно не прави) да ги афирмира македонските националн традиции како културен влог во европската интеграција меѓу народите.

Во неговите истражувања се напоменува да се има предвид дека во универзалната, космополитската и во хуманистичката димензија на современово општество во кое живееме едноставно е беспредметно и е недозволено да се попречува афирмацијата на вредностите на осознаената македонска историја, култура, јазик и на македонскиот национален идентитет. Особено ваквиот чин, како што се наведува, е несвојствен кога тие се оспоруваат со политички средства на кое и да е соседско или локално ниво од политичкото влијание.