Новиот оддел за интензивна нега на Детската клиника од денеска почнува со работа

Новиот оддел за интензивна нега на Детската клиника од денеска почнува со работа

Денеска е пуштен во употреба реновираниот оддел за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести. Наменет е за згрижување на најтешко болните деца. Одделот располага со 21 кревет, од кои 16 места се со респиратори.

– Одделот за интензивна нега ќе работи со истиот капацитет како и досега, со можност да се зголеми со нови вработувања на медицински персонал, со што ќе се почитуваат високите стандарди на згрижување на најтешко болните деца и со тоа ќе се гарантира безбедност на пациентите – велат од Министерството за здравство.

За почеток на одделот за интензивна нега ќе работат осум лекари, што, според директорката на Детската клиника, д-р Катерина Ставриќ, е доволно, но недостига медицински кадар, вели таа. Детската клиника нема доволно медицински персонал. За да може оптимално да работи интензивната нега, недостигаат најмалку уште 15 медицински сестри, смета д-р Ставриќ.

Реновираниот оддел за интензивна нега одамна се чекаше да почне со работа, но, како што истакна директорката на Клиниката, почетокот се одложувал поради технички и административни проблеми. Се поставила нова компресорска станица, но поврзувањето од компресорот до новата интензивна бил преку стари цевки за кои било потребна замена. Дополнително, според новото раководство, се чекало да се прибере целата документација за технички прием.

Одложувањето на почетокот со работа на новиот оддел на Детската клиника често беше искористуван за партиски престрелки. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати го критикуваше новото раководство дека неосновано не ги отвора вратите за пациентите на одделот за интензивна нега, што, според партијата, било причина за зголемување на смртните случаи на Клиниката.

Г.Н.Р