Нови македонски видеоигри достапни на Гугл плејстор

Нови македонски видеоигри достапни на Гугл плејстор

Во продукција „Линкс Студио“ од Скопје излегоа две нови македонски видеоигри  „Балон Бадабум!“ и „Тамб тамп“ (Борба со палци) кои од денеска бесплатно се достапни на Гугл плејстор. Игрите се за мобилни телефони и таблети.

„Балон Бадабум!“ е акциона сложувалка во која треба да спојувате балони пред тие да излетаат од екранот, а „Тамб Тамп“ е адаптација на детската игра на борба со палци.

„Ова е мое прво искуство со дизајнирање видеоигра, и прилично сум задоволен од резултатот” – рече Гоце Цветановски, креативен директор на студиото и дизајнер на Балон Бадабум. „Идејата беше инспирирана од класичната игра Тетрис, која многу ја играв додека бев мал, но на тоа додадовме и помодерни елементи во естетиката, како и механиката на спојување балони со исти бои, слично на Кенди краш сага. Досега играта ја тестиравме кај голем број деца и возрасни, и сите беа воодушевени од игривоста и тежината на предизвикот. Со програмерот Оливер Лазаревски долго време работевме и ја тестиравме и балансиравме тежината, и заклучивме дека за да можат да се задоволат сите типови играчи, ќе ни требаат три различни нивоа на тежина. Се надевам дека публиката ќе ѝ даде шанса на нашата игра и дека наскоро ќе издадеме и втор дел, со повеќе функции и нивоа”.

Втората игра, Тамб тамп или Борба со палци, е малку невообичаена адаптација на детска игра, во која двајца играчи играат на еден мобилен телефон или таблет. Секој играч контролира по еден палец, и целта е да му скокне петпати врз главата на палецот од другиот играч.

„Играта е многу забавна и на некој начин уникатна поради можноста двајца играчи да играат истовремено на еден ист екран. Иако навидум изгледа едноставна, ова е одличен начин да поминете неколку минути во дуел со пријателите” – рече Марио Савовски, дизајнерот на играта. крај/мф