Новото раководство на ССМ ја повика министерката Царовска да го поништи решението на претходникот

Новото раководство на ССМ ја повика министерката Царовска да го поништи решението на претходникот

Управниот суд го одби предлогот на Дарко Димовски и одлучи спротивно на налогот на Врховниот со кој требаше да му наложи на Централниот регистар да го впише името на новиот претседател на Сојузот на синдикати на Македонија. По девет месеци откако беше избран Дарко Димовски за в.д. претседател на ССМ, тој сѐ уште не е впишан во Централниот регистар. Живко Митревски оваа одлука ја смета за своја победа.

Адвокатот на в.д. претседателот вели дека оваа одлука не значи ништо за спорот во ССМ, бидејќи се однесува исклучиво на Централниот регистар. Спорот останува нерешен сè додека обвинителството не ги заврши случаите за злоупотреба на службена должност и овластување, како и постапката за поништување на решениетo.

„Поднесена е кривична пријава против Живко Митревски и Ибрахим Ибрахими за злоупотреба на службената положба и овластување и по таа кривична пријава, обвинителството веќе работи и ги сослуша страните. Овој спор, како и тужбата пред Управен суд за утврдување на ништовност на решението на Ибрахими ќе го решат целиот предмет“ – вели Ѕвонко Давидовиќ – адвокат на в.д. Претседателот Дарко Димовски.

Според правните проценки, клучните судски спорови би можеле да се одолговлекуваат во наредните две години што дополнително би ја влошило синдикалната состојба. „Министерката нема право да поништи решение, но има право да утврди ништовност на решение, што и треба да го направи. Зошто не го прави тоа не знам. Реформите во судството се уште не се почнати, токму затоа министерката треба да ја испита и расчисти состојбата“ – вели Давидовиќ.

Новото раководство на ССМ, ја повикува надлежната министерка, Мила Царовска да утврди ништовност на решението на Ибрахими за да не се избегнат понатамошните штети во Сојузот на синдикати.