ОБСЕ/ОДИХР со 336 набљудувачи ќе ги следат изборите

ОБСЕ/ОДИХР со 336 набљудувачи ќе ги следат изборите

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР го започна процесот на набљудување за локалните избори 2017. Изборите што ќе се спроведуваат во 80 општини и во градот Скопје на 15 октомври ќе ги следат 336 набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР. Шеснаесет експерти на ОБСЕ/ОДИХР се веќе во земјата, а ним оваа недела ќе им се придружат уште 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ целата земја, во тимови по двајца, започнувајќи од 18 септември. Пред локалните избори во Македонија ќе допатуваат уште 300 краткорочни набљудувачи кои ќе ги следат изборите во сите општини во земјата.

Набљудувачите ќе го следат процесот на регистрација на кандидатите и гласачите, кампањските активности, работата на изборната администрација и соодветните владини институции, изборната регулатива и нејзината имплементација и решавањето на изборните спорови. „Важно е да се разбере дека ние само ги набљудуваме изборите и оти не се мешаме во процесот за кој само известуваме“, изјави амбасадорката Одри Гловер, шеф на мисијата, на денешната прес-конференција. Мисијата исто така ќе го следи и известувањето на медиумите за кампањата.