Daily news
(ВИДЕО) Околу 150 студенти измамени од Агенција за вработување во странство
Околу 150 студенти измамени од страна на Агенцијата за вработување во странство „Венера Кемаловски“ каде аплицирале за работа во Германија. Студентите на сметка на агенцијата уплатиле 500 евра, пари кои не ги добиле назад откако пропаднал договорот за работа односно не добиле работна дозвола. Студентите неколку пати стапиле во контакт со вработените од агенцијата за да се информираат за причината поради која се уште немаат добиено работни дозволи. Од таму добиле одговор дека проблемот не е кај нив туку кај ЦАФ, германска институција која е задолжена за издавање на работни дозволи.
„Цело време ни се кажуваше, утре, до петок, до наредната недела, до први, цело време ни ветуваа, но дозволи нема. До сега стигнале само 8 дозволи од повеќе од 150 апликанти, на тие кои што им стигнаа им беше кажано дека не може да почнат со работа бидејќи се чекаат да стигнат сите дозволи, за сите студенти одеднаш да почнат со работа, вели Иван Макров еден од студентите кои аплицирале за работа во компанијата „Зара“ во Германија.
Револтот кај студентите започнал пред една недела кога интензивно се обидувале да стапат во контакт со директорот на агенцијата, Емран Кемаловски. Од агенцијата ги известиле студентите дека Кемаловски е на пат, но некој од нив го забележале во еден од скопските молови. По притисокот кој студентите го вршеле врз агенцијата со цел да им бидат вратени парите, на дел од нив им било кажано дека денеска во агенцијата ќе можат да ја подигнат сумата која ја дале, но кога пристигнале пред агенцијата наишле на затворена врата и лист на кој пишува дека вработените се на колективен одмор.
„Оставиле службени мејлови за контакт, но не враќаат на нашите пораки. Има студенти кои напуштија работа, кои имаат фамилии и сега се моментално во дупка и во ситуација кога нема што да се прават, вели Макров. Покрај студентите, денеска пред агенцијата револтот го изразија и родители на студенти кои преку истата агенција веќе заминале во Германија, но по една недела работа биле избркани од работните места.
„Вчера се слушнавме со син ми и ми кажа дека добил отказ, наводно имале вишок работна сила. Се обратиле и до агенцијава од каде им кажале дека нема шанси да ги вратат назад, туку да чекаат таму и дека сигурно ќе добијат работа. Меѓутоа во време кога агенцијата треба да работи, тие се на колективен одмор, немаме никаква информација, на телефоните кои се оставени не одговараат, веројатно се работи за некаква измама“, рече Ѓорги Мешков, родител на студент кој заминал на работа во Германија.
Емран Кемаловски, кој пак спротивно на обвиненијата на студентите тврди дека парите им биле вратени на сите студенти и дека се работи за некаква манипулација од нивна страна. „Студентите биле избркани поради тоа што не се снашле доволно добро и за тоа агенцијата воопшто не е виновна, но ние ќе се обидеме да им најдеме нова работа на оние кои добиле откази“, вели Емран Кемаловски.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.