Речиси 300 терористи се вратиле на Балканот

Речиси 300 терористи се вратиле на Балканот

Официјалните процени на службите на ЕУ и земјите од Западен Балкан покажуваат дека од појавата на Исламската држава на Блискиот Исток заминале да војуваат речиси илјада луѓе од овие простори.

Се проценува дека 200 од нив загинале во борбите во Сирија и Ирак, а 300 се вратиле во своите матични земји. Остатокот се жени и деца што ги повеле со себе во војна на страната на ИСИС.

Како што пренесува „Индекс“, седум од нив се државјани на Хрватска. Моментно ги надгледуваат безбедносните служби, а иако поседуваат хрватски документи, двајца се од Босна и Херцеговина, еден од Србија, двајца од Австрија и уште двајца од Швајцарија.

„Никој од нив никогаш не живеел во Хрватска, а хрватско државјанство добиле преку родителите што се отселиле“, се наведува во текстот.

Меѓутоа, освен официјалните информации, познати се и други случаи.

Како што се наведува, позната е приказната за пет млади Хрватки кои им се придружиле на џихадистите во Сирија и Ирак. Пред заминувањето во Сирија и Ирак некои од нив живееле во Босна и Херцеговина, во селото Горна Маоча, во кое има радикални муслимани.

Истражувањето со наслов „Игра на трпеливост: процена и одговор на заканата од враќањето на странските борци на Западен Балкан“ покажува дека од 2012 до 2017 година околу 5.000 луѓе од земјите од ЕУ заминале во Сирија и Ирак, а меѓу нив речиси 1.000 лица од Западен Балкан.

Виена и понатаму е главно место каде што се радикализираат и организираат исламистите од Европа. Безбедносните експерти велат дека посебно внимание треба да се обрне и на зајакнувањето на радикалниот исламизам и вахабистичките движења во Словенија.

Словенечката безбедносна служба веќе неколку години ги надгледува исламистичките организации во земјата. Најавија дека радикалните исламисти во иднина би можеле да претставуваат закана за националната безбедност.