Општина Аеродром бара регулатива за да интервенира на запуштени приватни имоти

Општина Аеродром бара регулатива за да интервенира на запуштени приватни имоти

Златко Марин, според  реакцијата на Општина Аеродром, со незнаење и со неупатеност сака да стане градоначалник.

„Марин  обвини дека општината требало да преземе активности за расчистување на местото викано Бановина во Горно Лисиче, кое се наоѓа во приватна сопственост. Меѓутоа, тој очигледно  не знае дека општината, за жал, нема надлежност да интервенира во уредување на приватен имот.

Да биде иронијата поголема, тој ја држеше прес-конференцијата со поглед кон прекрасниот парк во Бановина, во делот каде што се средени имотно-правните односи на истиот локалитет, кој општината го изгради со огромна водена површина, фонтани, летниковци, зеленило и детско катче со реквизити за најмалите.

Исто така, општината работи на детален урбанистички план, кој очекуваме да биде донесен за една година, со што се предвидува целосна урбанизација на местото викано Бановина. Со тоа ќе му се овозможи на сопственикот на неуредениот дел да го среди, преку реализација на истиот ДУП.

Истовремено, упатуваме барање до Владата на  Македонија да предвиди законско решение со кое локалните самоуправи ќе добијат право и надлежност да интервенираат во напуштени земјишта и локации што се во приватна сопственост или пак, да изрекуваат казни за несовесните сопственици. Со тоа во голема мера ќе се олесни работата на општините, а ќе биде од голема корист за жителите од околината на тие места“, стои во реакцијата на Општина Аеродром.