Daily news
Организациите за човекови права на Македонците го осудија договорот со Бугарија
Организациите за македонски човекови права – ОМО „Илинден“ – ПИРИН, Македонско меѓународно движење за човекови права, Австралиско-македонски комитет за човекови права и Македонска алијанса за европска интеграција – го осудуваат, како што велат, таканаречениот Договор за “добрососедство” помеѓу Македонија и Бугарија.
Изразувајќи ја својата принципиелна поддршка за добрососедството, унапредувањето на односите, евроинтеграцијата на Македонија, ние не можеме а да не ја осудиме содржината на овој договор кој позади сите убави фрази е реално насочен против горенаведените вредности.
Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија е нерамноправен, ги задоволува повеќе бугарските националистички аспирации отколку македонските национални интереси. Тој ги поставува под знак прашање сувереноста на Македонија и слободите на делови од нејзините граѓани и го урива нејзиниот авторитет како независна и полноправна држава. Добрососедство може да се гради само на рамноправна основа и со добра волја, а не преку уцена, понижување и злоупотреба на позицијата.
Со овој договор Македонија направи уште еден чекор кон откажување од македонското малцинство во Бугарија. Поранешното декларативно откажување сега станува дел и од договорот за „добрососедство“. Тоа е логичен срамен исчекор по 25 годишното нарушување на Уставот од страна на владите на Македонија, кои целосно и доследно ја запоставуваа својата уставна обврска да се грижат за македонските малцинства во соседните земји и особено во Бугарија и Грција. Поради оваа причина договорот е и антиуставен.
Со овој договор Македонија, според бугарското разбирање на работите, се обврзува дека не само што нема да се застапува за македонското малцинство и да ги поддржува неговите организации во Бугарија (чл. 11, 5), нешто што таа реално и го нема правено досега, но исто така нема да дозволи било какви дејствија на таквите организации на своја територија ниту дејствија на свои граѓани на македонска територија кои би ги подржале таквите организации (чл. 11, 2), а ниту медиумско покривање на дејноста и проблемите на македонските организации и малцинство во Бугарија (чл. 11, 6).
Тој создава механизми преку кои Бугарија ќе ја условува и уценува Македонија во процесот на нејзината евроинтеграција (чл. 8 и чл. 12). Се создаваат можности Бугарија да бара интервенција во независноста на научните истражувања и слободите на медиумите и да наметнува редефинирање на поими како говор на омраза во смисла на секој став кој ја поддржува македонската национална посебност. Дека имено таква е и намерата на Бугарија, сведочат изјавите на нејзините официјални лица дека договорот е само прв чекор, а не финално решение, како што наивно се обидуваат да го протолкуваат некои наивни политичари во Скопје.
Користената терминологија „двете држави и нивните народи“, „македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија“, „општа историја“ ја релативизира македонската нација. Било какви општи прослави во услови на отворено негирање на македонската нација и идентитет од бугарска страна, ќе служат за задоволување на таквите негаторски ставови, а не за надминување на недоразбирањата.
Со договорот се врши мешање без преседан на политиката во историјата, се формираат политички тела кои ќе толкуваат историја и ќе реферираат пред владите. Напоменуваме дека историјата е наука и дека е недозволиво било какво мешање на политичарите во неа. Ова е само уште еден инструмент за уцена преку кој Бугарија ќе настојува да го претвори прифаќањето на бугарското толкување на историјата во Македонија како услов за добивање на европско членство и сето тоа под превезот на „добрососедството“.
Поради тоа сметаме дека договорот е неприфатлив, навредлив за Македонија и македонскиот народ, непринципиелен, срамен за двете земји потписнички и дека спротивно на очекувањата на потписниците тој нема да допринесе за добрососедството а само ќе ја зголеми недовербата и ќе создаде вистинска омраза против Бугарија на местото на имагинарната од која сега се жали Софија.
Ниту македонското малцинство во Бугарија, ниту македонската дијаспора, а уверени сме ниту македонската нација генерално, не се чувствуваат на било кој начин обврзани со нерамноправните клаузули во овој договор, ќе дадат отпор на секој обид да им се ускратат човековите слободи и ќе ја продолжат својата борба за достоинство права и правда и против секој обид истата да се спречи било да доаѓа од Софија, било од Скопје„, стои во соопштението на овие организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.