Османи: Наскоро почнува реализацијата на ИПА-мастер планот

Османи: Наскоро почнува реализацијата на ИПА-мастер планот

Бујар Османи, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, во рамките на посетата на Брисел оствари средба со Геновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан во рамките на Генералниот директорат за соседство и проширување во Европска Унија, ДГ НЕАР.

Османи ја презентираше состојбата со напредокот на Република Македонија во евроинтегративните процеси, задржувајќи се на имплементацијата на планот 3-6-9, како и остварениот напредок во отстранувањето на политичките пречки за приближувањето кон ЕУ и НАТО.

Османи ја потенцираше и посветеноста на Владата повторно да се фокусира на европската и реформската агенда, што треба да резултира со целосно спроведување на сите потребни реформи кои од Македонија ги бара Унијата, а кои се или ќе бидат соодветно нотирани во останатите делови од планот 3-6-9.

На средбата со Геновева Руиз Калавера беа отворени и прашањата за искористувањето на средствата од ИПА, од страна на Македонија, за што Османи посочи дека во финална фаза е изготвувањето на т.н. ИПА-мастер план, во кој се содржат мерки и активности со кои треба да се подобри ИПА-структурата, како и да се унапреди апсорпциската моќ за искористување на ИПА-средствата.

„ИПА-мастер планот го изготвуваме заедно со делегацијата на Европската Унија во Скопје, за што имаме редовни средби, и истиот многу наскоро ќе биде пласиран во јавноста и ќе почне неговата имплементација“, истакна Османи на средбата. Тој додаде дека очекува од страна на Европската комисија и сите нејзини тела поддршка за реформите на ИПА-структурата затоа што, како што нагласи Османи, тоа значи и доближување од европските стандарди, што е една од најважните причини за целиот процесот на европско интегрирање.