Османи: Очекуваме клучните реформи да бидат имплементирани до февруари

Османи: Очекуваме клучните реформи да бидат имплементирани до февруари

Изминатиов период е остварен значаен напредок во подготовка на реформите во приоритетните области, како што се реформите на безбедносните служби, реформите во правосудството, како и реформите на јавната администрација, а очекувањата на Владата се дека, заедно со Собранието, потребните реформи ќе бидат имплементирани заклучно со февруари годинава, пред излегување на стратегијата за проширување на Европската комисија, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.

„Со имплементација на предвидените реформи сметам дека ќе се постигне соодветен напредок во отстранувањето на забелешките за напредокот, и дека тоа ќе резултира со конкретни чекори на нашиот евроинтегративен пат“, истакна Османи на средбата со Геновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан во рамките на Генералниот директорат за соседство и проширување во Европска Унија, ДГ НЕАР.

На средбата Османи го презентираше напредокот на Република Македонија во евроинтегративните процеси, задржувајќи се на имплементацијата на деловите Шест и Девет од планот 3-6-9, како и остварениот напредок во отстранувањето на политичките пречки за приближувањето кон ЕУ и НАТО.

„Остваривме значаен напредок на сите полиња, имплементацијата на реформите во наредниот период ќе се интензивира, и Македонија во 2018 година подготвена ќе ги дочека клучните датуми за нашите европски интеграции“, истакна Османи.