Османи: Очекуваме конкретен напредок за нашите евро-атлантски интеграции

Османи: Очекуваме конкретен напредок за нашите евро-атлантски интеграции

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со Тис ван дер Плас, генерален директор за европска соработка при Министерството за надворешни работи на Холандија.

„Како основач на ЕУ и силен поддржувач на проширувањето, ја цениме вашата континуирана поддршка во нашите напори да започнеме преговори со ЕУ, особено во рамките на структурите на ЕУ, во Советот и неговите органи и во Европскиот парламент“, истакна Османи на средбата.

Двајцата соговорници разговараа за тековната билатерална соработка меѓу двете земји, реализираните успешни проекти и областите на унапредување на соработката бидејќи Холандија со години е еден од најголемите донатори на земјата, стабилен поддржувач и партнер на Македонија во евро-атлантските аспирации. Вицепремиерот Османи го истакна значењето на директната билатерална поддршка наведувајќи ги притоа изградбата на институциите, поддршката за инфраструктурни проекти, поддршката за финансирање мали бизниси и стартапи итн. како сегменти во кои успешно е нагласена поддршката од Холандија. Османи побара и продолжување на холандската поддршка како целна помош за да ѝ се помогне на земјата во нејзините стратешките определби – интеграцијата во ЕУ и НАТО.