Осмина од театарскиот буџет за двајца режисери, четири претстави за Витошевиќ и две за Христов

Осмина од театарскиот буџет за двајца режисери, четири претстави за Витошевиќ и две за Христов

На режисерката Нела Витошевиќ годинава, комисијата за драмска дејност, во состав Петар Арсовски, Викторија Рангелова и Хамди Рашиди, ѝ доверила 4 проекти во разни национални куќи, иако законот предвидува дека еден режисер не може да добие можност да работи повеќе од 2 претстави во годината.

Случајно, и режисерот Васил Христов, партнер на Витошевиќ, ќе работи две претстави во две национални куќи. Ако се пресмета и одземе од вкупниот буџет за театар, на овие двајца режисери ќе се одлее една осмина од вкупниот буџет за театар.

Потписот на Витошевиќ ќе стои зад проектите: „Змеј“ според текст на Евгениј Шварц, што треба да се постави во МНТ, а ќе чини 1.800.000 денари, во Драмскиот театар таа ќе ја работи „Странци“ по текст на Филипо Болоња, која чини 1.500.000 денари, во Битола, пак, ќе ја работи „Галеб“ според текст на Антон Павловиќ Чехов, со буџет од 1000.000 денари, и во Штип, проект од минатата година, ќе го реализира „Бог на масакрот“ според текст на Јасмина Реза, поддржан со 500.000 денари.

Христов ќе работи на сцената на Драмскиот театар, проектот „Кралот Иби“, според текст на Алфред Жари со 1.600.000 денари и во турскиот театар „Баал“ по текст на Бертолд Брехт, со 1.200.000 денари.

Режисерката Нела Витошевиќ неодамна ја доби тужбата против Македонскиот народен театар и го поништи конкурсот за вработување режисери од пред три години. Таа тужела затоа што била убедена дека не ја прмиле на работа поради несогласување со политичката опција.

Логиката на комисијата и Министерството за култура за оваа дејност и увид во распределбата на парите е дека тие добиле двојно помалку од она што побарале. Сепак, фаворизирањето на одредени национални куќи и режисери е пракса што се спроведуваше и во минатото. Иако од Министерството за култура постојано се истакнува потребата од децентрализација и дисперзирано раководење со културните институции, театрите надвор од Скопје не се задоволни од одлуките и ваквата распределба ја сметаат за удар врз нивните театри.

Водечки театарски проект в година е претставата „Месец дена на село“ во режија на Паоло Маџели, според текст на Иван Тургењев. Со ова продолжува праксата најголеми средства да му се доверат на режисер странец за што се побарани 4.255.000 евра, а одобрени се 3.000.000. Оваа претстава е предвидено да се реализира во Македонскиот народен театар, каде што поддршка добиле 8 проекти со вкупна вредност од 13.950.000 евра од побарани 30.558.550.

Ана Василевска