Основач на Википедија против лажните вести со Викитрибјун

Основач на Википедија против лажните вести со Викитрибјун

Џими Велс, еден од двајцата основачи на Википедија, започнува нова интернет публикација чија цел ќе биде да се избори со лажните вести, спојувајќи професионални новинари со „армија“ волонтери и придонесувачи на Вики заедницата.
Викитрибјун планира да ги плаќа репортерите преку собирање пари од „краудфандинг“ кампања. Велс има намера на страницата да се покриваат генерални проблеми, како политиката во САД и Обединетото Кралство, па сè до наука и технологија. Оние кои донираат средства ќе станат поддржувачи, а за возврат ќе имаат право да кажат во кои теми и рубрики сајтот треба да се фокусира. Целта е и заедницата на читателите да може да проверува факти и да ги изменува објавените вести.
Велс го опишува Викитрибјун како „вести од луѓето и за луѓето“.
„Ова ќе биде првпат професионални и граѓански новинари да работат заедно како еднакви, пишувајќи ги приказните како што се случуваат, преработувајќи ги во реално време како што се развиваат, и за сето тоа време ќе бидат поддржани од заедница која ќе ги проверува и препроверува сите факти“, вели Велс.
Иако сајтот ќе започне со работа на почетокот на изборната кампања на генералните избори во Обединетото Кралство, Велс вели дека зачетокот на проектот дошол од САД.
„Некој кој го познавам ме убеди да му дадам на Трамп 100 дена пред да одлучам, но на првиот ден Келиен Конвеј излезе и ја кажа својата реплика за ‘алтернативните факти’. Тоа беше моментот кога решив да направам нешто““, вели тој.
Доколку кампањата за собирање средства помине добро, Велс се надева дека ќе може да ги најми првите новинари „најскоро што може“, веројатно пред 8 јуни, кога Британците ќе гласаат на предвремените избори распишани од премиерката Тереза Меј.
Како и Википедија, новиот проект на Велс ќе биде бесплатен и отворен за сите. Започнува со работа на 25 април со кампања, продавајќи „пакети за поддршка“ со цел да се исплатат првите новинари. Првото издание ќе биде објавено накратко потоа. крај/мф