Острени: Во Македонија нема простор за дводомен парламент

Острени: Во Македонија нема простор за дводомен парламент

Во Македонија нема простор за дводомен парламент, а таквите најави се само желба за да дојде до нови судири и да им се даде повод на ВМРО-ДПМНЕ и другите да кажат дека Албанците се виновни за сè во Македонија, порача синоќа од Дебар лидерот на партијата Унитети, Гзим Острени, за време на митингот на коалицијата „Алијанса за Албанците (Унитети – РДК)“.

Острени упати остри критики на адреса на Зијадин Села за кој рече дека седум дена пред да почне изборната кампања, неговата партија ДПА-Движење за реформи, која беше дел од коалицијата „Алијанса за Албанците“ ја регистрира како партија Алијанса за Албанците за потоа Села да нуди програма за дводомен парламант во Македонија.

Тој оцени дека поделбите на патот кон ЕУ се штетни и се минато бидејќи тие носат само крвопролевање меѓу народите.

На митингот во Дебар, кој се одржа на плоштадот Скендербег, коалицијата „Алијанса за Албанците (Унитети – РДК)“ го промовира и кандидатот за градоначалник Шкелќим Џафа. Тој истакна дека во Дебар треба да престанат партиските вработување и да има деполитизација на администрацијата. Тој исто така упати остри критики на актуалната локална власт во Дебар, во врска со, како што рече, катастрофалната состојба на депонијата и негрижата за животната средина.