Осуденик во бегство и разбојник од Србија биле напаѓачите во менувачницата во Кисела Вода

Осуденик во бегство и разбојник од Србија биле напаѓачите во менувачницата во Кисела Вода

Основното јавно обвинителство Скопје го утврди идентитетот на двете застрелани лица во разбојништвото што се случи во менувачницата во Кисела Вода. Станува збор за еден осуденик во бегство и еден српски државјанин, по кого имало распишана потерница.

„Во соработка со Министерството за внатрешни работи, утврден е идентитетот и на второто починато лице преку вршење споредба на папиларните линии од прстите на рацете. Станува збор за граѓанин на Република Србија по кого, поради претходно сторени кривични дела, била распишана потерница. Идентификацијата е потврдена и од страна на надлежните органи од Република Србија.
Според првичните сознанија на Јавното обвинителство, македонскиот државјанин кој вршејќи разбојништво, настрада во менувачницата, бил осуденик кој од користење слободен викенд во март годинава не се вратил во затворот. Тој летово бил сторител на петнаесетина разбојништва на банки, менувачници и обложувачнци. Разбојништвата претежно ги вршел сам, но последниот пат се здружил со познатиот разбојник од Република Србија“, пишува во соопштението од Обвинителството.

Разбојништвото во менувачницата се случи минатата недела кога две вооружени лица се обиделе да ја ограбат, по што дошло до физичка пресметка со сопственикот, кој, според тврдењата, пукал во самоодбрана и ги застрелал напаѓачите кои починале на самото место.

Од Обвинителството велат дека за да се потврди дали навистина сопственикот на менувачницата дејствувал во нужна одбрана, потребно е целосно прибирање на сите докази во предметот, по што ќе донесат одлука.