Отворена музејска поставка на езерскиот животински свет во Стар Дојран

Отворена музејска поставка на езерскиот животински свет во Стар Дојран

По повод Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, Природонаучниот музеј на Македонија  ја отвори својата првата подружница со постојана изложба насловена во Стар Дојран.

 

Новиот музеј е посветен на живиот свет во езерото и дојранската котлина. На интересен начин се претставени стотина видови од животинскиот свет кој живее во езерото, но и растителниот свет, алгите и геолошката историја на самото езеро.

 

Просторот за музејската поставка го отстапи општина Дојран со цел да придонесе кон едукација и повисока свест за заштита на езерото.

 

„Природонаучниот музеј на Македонија ја осмисли целата идејна концепција на подружницата и низ континуирана соработка со РЕЦ, локалното население од општината Дојран и редица стручни соработници се постигна комплетна поставка, која го презентира богатиот растителен и животински свет на Дојранското Езеро. Заштитено со статус Споменик на природата, езерото и неговата околина претставуваат вистинско богатство на природните вредности, солиден број значајни видови од национално, европско и глобално значење, и особено живеалиште за 96 регистрирани видови птици“, рекоа од канцеларијата на РЕЦ во Македонија.

 

Подружницата е уредена на иницијатива на Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) со донација во висина од 20.000 американски долари обезбедена преку финансиска поддршка на Медитеранскиот фонд за критични екосистеми, во рамки на проектот „Развивање на капацитети за одржливост на Дојранското Езеро“.

 

Визијата на Природонаучниот музеј на Македонија е подружницата, покрај вршењето на научно-истражувачката дејност и промоција на природните богатства да прерасне во атрактивен туристички објект кој ќе им понуди дополнителни содржини на посетителите, а со тоа ќе придонесе и кон збогатување на туристичката понуда во овој регион. Крај мф-ем