Отчет на Министерството за здравство: За три месеци ги поставивме темелите за подобро здравство

Отчет на Министерството за здравство: За три месеци ги поставивме темелите за подобро здравство

Министерството за здравство, под паролата „100 дена битка за подобро здравство“, даде отчет што е сработено од страна на новиот кабинет, на чело со министерот Арбен Таравари. Меѓу проектите се наведени: услугата „Добредојде, бебе“ за вадење изводи на новороденчињата за два дена од раѓањето на детето додека мајките се сè уште во родилиштето; продолжување на траењето на важноста на електронските здравствени картички, воведувањето трета смена за лабораториските испитувања во Детската болница – Козле; укинување на плаќањето по учинок за лекарите, отворање гинеколошка ординација во амбулантата во Шуто Оризари, отворање на телефонската линија за пациенти – „Здраво, Таравари“, поставувањето тријазични табли во Клиничкиот центар, како и назначувањето нови директори на клиниките на кои им наложиле да направат ревизија и извештај за долговите на установата со која раководат. Во отчетот на Министерството се наведени и активностите што се во тек, како менување на Законот за здравствената заштита, Законот за медицинските студии и Законот за лековите и медицинските средства.

– Поминаа 100 дена од назначување на новиот кабинет во Министерството за здравство. Кабинет свесен за предизвиците што претстојат, но многу поважно, кабинет со јасна визија, со цел и одлучност за конечно воскреснување на македонскиот здравствен систем. Свесни сме дека 100 дена се далеку од доволни за какви било системски промени во нашето здравство, но се гордееме што во овие три месеци цврсто ги поставивме темелите за подобро здравство во нашата земја. Дозволете да споделиме со вас само мал дел од иницијативите и од реформите, кои се само почеток на враќање на светлината во македонскиот здравствен систем – велат од Министерството за здравство.

Г.Н.Р