Павлоски: Професионалци во МВР на отстрел на министерот Спасовски

Павлоски: Професионалци во МВР на отстрел на министерот Спасовски

Команданти на единици, началници на сектори, помошници кои зад себе имаат искуство и по 20 и по 30 години во Министерството за внатрешни работи сега се на удар на потпретседателот на СДС, Оливер Спасовски, изјави денеска Сашо Павлоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, сите оние кои имаат личен и професионален интегритет во министерството станале предмет на отстрел на новиот министер и неговиот политички тим. „Тие се цел само заради тоа што потпретседателот на СДС се сомнева дека нема да ја злоупотребуваат службената положба и слепо да ги следат и извршуваат политичките нарачки на Бихаќка. Таргет на потпретседателот на СДС се и сите професионалци кои работеа на докажување на криминалот на наркодилерите блиски до Заев и партискиот врв на СДС, што изминативе месеци беа откриени и заглавија во затвори за нелегална трговија со наркотици. Таргет на потпретседателот на СДС се сите професионалци кои учествуваа во акциите за докажување на криминалот на неговиот пријател и соработник Захир Бекири-Чауш, но и сите оние кои работеа на прибирање докази за санкционирање на изборната корупција на СДС почнувајќи од сомнителните исплати во Општина Струмица, па сè до поткупите на гласачи со дрва во Куманово“, изјави Павлоски.

Тој вели дека таргет на потпретседателот на СДСМ се и професионалци кои храбро и бескомпромисно работеле и на случаи како Монструм, Планинска бура и Диво Насеље.

„Ова што сега се прави во Министерството за внатрешни работи е класичен контраудар на мафијата врз полицијата. Одмазда за сите реализирани акции. Главен инспиратор и реализатор на оваа одмазда на мафијата е потпретседателот на СДС, Оливер Спасовски. Тоа што СДС го прави во моментов е брутална партизација на полицијата. Надвор од сите законски норми, надвор од сите реформи се реализира партиска чистка и поставување партиски послушници на сите раководни позиции“, додава Павлоски.

 

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите професионалци во полицијата да не подлегнуваат на политичките притисоци од страна на потпретседателот на СДС и правдата да ја бараат пред повисоките органи.