Папата до верниците и свештениците: Спуштете ги телефоните, мисата на е претстава

Папата до верниците и свештениците: Спуштете ги телефоните, мисата на е претстава

Папата Франциско ги критикуваше верниците, свештениците и бискупите што фотографираат додека траат мисите велејќи дека би требало да се фокусираат на Господ наместо на мобилните телефоните.

„Свештеникот вели: ‘Издигнете ги своите срца’. Не вели: ‘Издигнете ги вашите телефони за да фотографирате’“, рекол папата на неделниот собир на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

Тој рекол дека користењето мобилни телефони додека траат мисите е многу грда работа.

„Многу сум тажен кога ќе видам толку кренати мобилни телефони кога сум на миса тука на плоштадот или во базиликата. Не само кај верниците, туку и кај свештениците, но и кај некои бискупи. Мисата не е претстава. Затоа, запаметете – без телефони“, рекол папата по што насобраните илјадници луѓе почнале да аплаудираат.

Кога беше избран во 2013 година, папата рече дека го боли главата кога ќе ги види свештениците во скапи автомобили и со најнови модели на мобилни телефони.

Тој се превезува во „форд фокус“, а откако стана папа, никогаш не е виден во јавност да користи мобилен телефон.