Париз: Трамп не е поканет на Самитот за климатските промени

Париз: Трамп не е поканет на Самитот за климатските промени

Франција соопшти дека американскиот претседател, Доналд Трамп, не е поканет да учествува на Самитот за климатските промени што ќе се одржи на 12 декември во Париз.

„Американскиот претседател, Доналд Трамп, не е меѓу стотината шефови на држави и влади кои следниот месец се поканети на Самитот посветен на климата во Париз“, изјави помошникот на францускиот претседател.

Тој додал дека на Самитот ќе присуствуваат претставници од американската влада.

Како што пишуваат западните медиуми, на Самитот се поканети шефови на држави кои се посебно посветени на Парискиот климатски договор.

Трамп неодамна објави дека САД ќе се повлечат од историскиот Париски договор од јуни 2015 година, кој ја ограничува емисијата на гасовите коишто го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, односно климатското загревање на планетата.

Парискиот договор има обврска да се обиде да ја одржи глобалната температура на 2 степени над прединдустриските нивоа – нешто што експертите за клима тврдат дека е неопходно за да се избегнат разорни и неповратни последици, вклучувајќи го и порастот на нивото на морињата, појава на топлински бранови и слично.