Пари за културен казан – од славење на оризот до свадба на чело со англиската кралица

Пари за културен казан – од славење на оризот до свадба на чело со англиската кралица

Силни реакции по објавувањето на годишната програма за култура. Негодувања, сомнителни одлуки, престрелки. Некои основани, некои не. Во историјата на независна Македонија и работата на сите министри за култура оваа програма никогаш не била идеално направена и секогаш имало незадоволни. Беше и ќе биде во функција да сервисира уметност, а власта да се фали.

Но, толку исвиркувања досега не добил никој, но не и затоа што програмата е толку скандалозна. Таа не е ниту подобра ниту полоша од онаа што сме навикнале да ја видиме. По принципот за секого по нешто, инцидентно има и издржани и квалитетни проекти. Буквално, препис да се задоволат апетитите на сите, и тоа од потребите на институциите до големите желби на досега неискажани уметници што првпат добиваат можност да работат. А да работат, сакаат сите, тоа е повеќе од јасно. Нов културен бран и култура за сите се заговараше на големо и, да, бранот нѐ поплави, а култура има баш за сите, речиси без никаков филтер.

Тоа што изненадува е чудното менаџирање на повиканите од Министерството на одговорите на поплаките од страна на незадоволните. Министерството за култура се декларира за отворено транспарентно и отчетно работење. И ова го почитува. Но, каква е разликата од претходната парадерка, која се појавуваше во јавност за да го соопшти главно она што е во нејзин интерес, и министер за култура што се оградува од сѐ и не објаснува ништо. Поточно, се иззема од одговорноста да каже што и да е. Комисиите биле независни во одлуките и ние треба да поверуваме дека критериумот на тројца луѓе пред чии прецизни очи ќе помине само тоа што е квалитетно или попластично кажано – повеќе од 1.000 ракописи во делот за издаваштво биле детално читани, се размислило за нив и насловите што добиле поддршка се токму тие што ја заслужуваат.

Кога во еден казан треба да минат проекти што се однесуваат на локални манифестации за ориз, свадба во Галичник, до големи театарски претстави, па манифестации на здруженија на граѓани, па проекти на заслужни фраери и фраерки, сликата изгледа вака.

Збунува и тоа што речиси сите добиле помалку отколку што побарале, дали е ова реална процена на потребните средства, дали тие што бараат се алчни или буџетот е празен?! Во маестралното дело на Бертолучи, „Нуеве ченто“, има сцена што кореспондира со барањето одговори и анализа на темава. По ослободувањето на локалното население, партизаните почнуваат со национализирање на имотот – гуски, овци, кој што има. Во сиот занес и сите ја слават слободата, но стоп-кадар и мајсторска гротеска – влетува жена што вреска: „Зошто баш мојата гуска да биде на сите?“ Така, сега слободата ја сакавме сите, се залагаме за еднаквост и праведност, ама кога тоа ќе удри во нашиот џеб, сликата се менува.

 

Да повториме за транспарентната работа на Министерството за култура и слободарскиот дух, да не очекуваат надлежните длабоко поклонување и црвен тепих, за неа се изборивме сите. Таа не е адут за да се провлекуваат грешки. Не е во ред за двајца театарски режисери да се одлее осмина од буџетот за театар, без оглед колку се тие добри, не е во ред издавачки проекти од пониска класа на неафирмирани издавачи да добијат национална поддршка само затоа што етничката статистика така налага, не е во ред процената дека приватен музички менаџер што работи пазарно е поважен од рок-енциклопедија, не е во ред кумановскиот театар да биде дискриминиран, барем половина од списанијата што се печатат со наши пари никој не ги видел, освен некои фиоки во институционални канцеларии. Локалните, пак, манифестации, како онаа за славење на оризот или некој сличен настан, се утврдило како пракса од минатото и тоа е сосема друга приказна.

Да, паѓаат покривите на барокните зданија и ова треба да се реши, пустош остана по квазикултурната политика. Тешко се санираат последиците од 11-годишното продавање ветар и магла, од кое се изродија клиенти и идолопоклоници на минатата власт. Но, оправдувања нема. Или ќе се почне со видливи оперативни резултати кои може да нѐ чинат и неколку хируршки интервенции, па реформите ќе бидат системски и ќе бидат многу бргу видливи или шоуто ќе продолжи – некои аутоф-гејм, некои ин.

Па, умно и креативно решение е да се основа агенција за книга, умно е да тргнат хибридните проекти во нова интердисциплинарна дејност, ама никако не е умно министерски службеници да се однесуваат како правни застапници, да ги замолчуваат оние што негодуваат со делумни или никакви објаснувања. Кој признава пола му се простува. Така, нека се каже како поминал проектот со детето што пее милитантни фолклорни песни, како фантомски здруженија ќе прават поетски манифестации. А по признанието, чекаме предлог за решение. Распределбата на проектите по принципот две третини за македонски и една третина за албански проекти на никој нема да му донесе ништо добро иако се порамнува со општиот политички амбиент. И не мачкајте очи дека нема заслужни уметници, нови миленици, маркетиншки пазарења и слично зашто шарената фасада на влезната врата треба да биде потсетник што не сакаме да ни се случи повторно. Сѐ се гледа, нели, на ваша и наша огромна радост?!

Ана Василевска