Паскали Бунташеска: Вршиме конзервација и реконструкција на Али Пашината џамија во Охрид, не градиме нова џамија

Паскали Бунташеска: Вршиме конзервација и реконструкција на Али Пашината џамија во Охрид, не градиме нова џамија

По бранувањата во охридската и поширока јавност, која бараше одговори и разјаснување на  дилемите околу конзервацијата и реконструкцијата на Али Пашината џамија, денеска, на прес конференција, со објаснување излезе директорката на Завод и Музеј од Охрид, Тања Паскали Бунташеска.

Паскали Бунташеска, и самата, како стручно лице, архитект во охридскиот Завод и музеј, непосредно е вклучена во изработка на проектот.

Џамијата останува во постојниот габарит, не се гради нова џамија – категорична е Паскали Бунташеска.

– Али Пашината џамија претставува споменик на културата заштитен уште од 1968 година. Со донесување на Законот за заштита на културно наследство во 2005 година, главна обврска беше на институцијата од заштита да изработат елаборат за ревалоризација на сите поединечно заштитени објекти –  истакна Паскали Бунташеска.

Со оглед на тоа што објектот претставува поединечно заштитено споменичко добро, Завод и музеј Охрид пристапил кон изработка на проект за конзерваторско реставраторски работи и реконструкција на џамијата.Согласно законот, најнапред, била изработена програма за конзерваторкси истражувања. Истражувачките работи на џамијата ги извршиле стручни лица од оваа област, врз основа на програмата, од Управата за заштита, по што добиле одобрение за вршење на конзерваторските истражувања.

– На таа џамија се извршени многу градежни работи кои не соодветсвуваа на архитектурата, всушност беа изведени како дивоградби од тогашното муфтиство. Беше изведен несоодветен трем во висина приземје и кат, несоодветни изградби и доградби на источната страна од џамијата, објектот беше премалтерисан со цементен малтер, што не е дозволени да се употребува како материјал при конзервација,ориганалните варови малтери и оригиналната декорација беа уништени. Истаржувањата ги направивме со цел да видиме како изгледала џамијата во периодот кога била прогласена како споменик на културата и според нашиот закон да ја вратиме во автентична состојба. Точно е дека минарето е високо 32 метри, но тоа е дел од еден споменик на културата. На овој простор имаше остаток од постоечкото минаре во висина од 6,5 метри – напоменува Паскали Бунташеска.

Охридскиот Завод изработил проект за конзервација, а Управата за заштита на културното наследство издала решение за заштитно – конзерваторски услови. Врз основа на овие услови се преминало кон изработка на идеен проект, па потоа и основен проект со сите фази. На крајот Управата издала конзерваторско одобрение.

Паскали Бунташеска, информирше дека проектот е финансиран со средства како донација од Република Турција, којшто ги обезбедува Директоратот на вакуфите, со седиште во Анкара. Директоратот ја избрал турската фирма која ќе ги изведува градежните работи, специјализирана за изведување на конзерваторски работи.

Со оглед на тоа што во 70-те години на минатиот век, при изградба на околните објекти во непосредна близина на џамијата биле пронајдени остатоци од христијански храм, биле вршени определени археолошки истражувања, но ништо од тоа не е уништено и нема во никој случај да се дозволи да биде нешто уништено. Тоа е оставено за истражување во идни времиња. Базиликата не е под џамијата, туку се протегала под сите околни објекти.

Паскали Бунташеска тврди дека на овој проект, работеле во изминативе две години, неговата подготовка воопшто не се одвивала тајно.

– Ние работиме на конзервација и реставрација на сите објекти кои претставуваат поединечно заштитено културно наследство, без разлика дали се работи за објект од исламска или христијанска архитектура, ние работиме професионално и постапуваме подеднавко за сите објекти. Совршено е ист принципот дали ќе градиме камбанарија или минаре – прецизира Паскали Бунташеска.