Пет лица починаа во дом за стари на Флорида по налетот на ураганот Ирма

Пет лица починаа во дом за стари на Флорида по налетот на ураганот Ирма

Пет лица починале во дом за стари лица на Флорида кога останале без струја во деновите по налетот на ураганот Ирма.

Локалната полиција соопшти дека од домот претходно биле евакуирани 120 стари и немоќни луѓе бидејќи ураганот предизвикал прекин на струјата, што го запрело и работењето на клима-уредите и другата техника.

Тројца од починатите биле најдени мртви во домот, а други две лица починале во болницата во Мајами.

Безмалку десет милиони луѓе сè уште немаат струја на Флорида, но и во соседните сојузни држави Џорџија, Северна и Јужна Каролина.

На Флорида со прекинот на струјата не се погодени само домовите за стари луге, туку и живеалиштата, како и многубројни повеќекатници, во кои стари, немоќни и болни лица не само што немаат услови за живот, немаат клима-уреди, туку и поради блокираните лифтови не можат да се симнат долу и да примат помош и лекарска нега.

Властите настојуваат да им помогнат за да не дојде до ситуации како во домот со старите лица, но претставник на полицијата изразил стравување дека не ќе може до сите навреме да се дојде затоа што се верува дека во ваква ситуација се наоѓаат околу 15 илјади лица.

Весникот „Мајами хералд“ пишува дека на сите овие луѓе итно им е потребна помош и предупредува дека Ирма, иако сосема се повлечe, сè уште убива. Според официјалните податоци, само на Флорида досега се регистрирани 12 загинати.