Пожари во Крива Паланка – опожарена куќа, плевни и бандери

Пожари во Крива Паланка – опожарена куќа, плевни и бандери

Во Крива Паланка избувнале два пожари во изминатите 24 часа, од кои едниот се уште не е локализиран, соопштија од противпожарната единица Крива Паланка.
Во едниот пожар, кој избувнал вчера околу 17 часот, во село Длабочица, опожарена е вкупна површина од девет хектари, додека рано утрината избувнал пожар во село Градец, каде се опожарени два хектари шума, бор и листопадни дрвца.

Во гасењето на двата пожари активно се вклучени и екипи на Јавно претпријатие Македонски шими и Подрачно шумско стопанство „Осогово“.

– Во пожарот во Длабочица опожарени се една куќа, две плевни, бандери, родни дрвца околу три декари и останата површина мешана шума и сува трева. Пожарот е локализиран околу 21 часот синоќа, но дел од старите дабови се уште горат. Екипи на ЈП „Македонски шуми“ дежураа во текот на ноќта и нашите пожарникари, изјави Иле Коцевски, командир на ТППЕ Крива Паланка.

Посочи дека екипите се уште се на терен и работат на целосна ликвидација на пожарот, додека пожарот во село Градец, на локација спроти градската депонија целосно бил ликвидиран во 9 часот утринава.