Пожарот кај Трескавец не мирува, пожарникари деноноќно го чуваат манастирот

Пожарот кај Трескавец не мирува, пожарникари деноноќно го чуваат манастирот

Пожарот што започна кај новите градски гробишта во близина на манастирот Трескавец во Прилеп сè уште е активен, информира Центарот за управување со кризи.

Оттаму велат дека во текот на вчерашниот ден пожарот се обновувал во неколку наврати и во близина на манастирот Трескавец каде што постојано дежура цистерна и една група од ангажираните пожарникари и работници од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

Според последните информации на ЦУК, состојбата со пожарите во Македонија е следна:

Југозападен Плански Регион

Во општина Македонски Брод активни се пожарите во село Грешница и во село Растеш.

Пожарот во атарот на село Волче е активен, но таму нема сили на теренот.

Пожарот во село Брест е под контрола.

Во општина Кичево пожарот на Бистра Планина е активен. Горат пасиште, сува трева и смрека и нискостеблести дрва. Опожарената површина е високо на планината и е тешко пристапна за интервенции. Утрово на терен се лица од ШС „Лопушник“, но останува барањето за употреба на авиони за гаснење пожар.

Повардарски Плански Регион

Пожарите во општина Чашка кај месноста Јасеновска и во село Галиште се активни.

Во текот на вчерашниот ден во попладневните часови појавен е нов пожар на отворен простор кај Мушов Гроб, село Мрежичко, општина Кавадарци.

Пелагониски Плански Регион

Во општина Прилеп сè уште е активен пожарот во с. Никодин и настанато е спојување со пожарот од Велес. Во вечерните часови дува засилен ветер кој го разгорува пожарот и го проширува.

Пожарот кај месноста Писокал – Слива, кај манастирот „Св. Илија“ во близина на с. Бонче, сè уште е активен. Во текот на вчерашниот ден интервенирале и два авиона на Дирекцијата за заштита и спасување.

Поради непристапниот терен, засилениот ветар и високата температура, повторно е разгорен кон с. Крушевица.

Тетовско-полошки Плански Регион

Пожарот над село Копанце, општина Јегуновце, е активен, но на доста мала површина.

Горат сува трева и ситна деградирана шума. Во однос на претходните денови моментно пожарот е со многу намален интензитет и засега нема опасност од проширување.

Пожарот во село Гургурница, општина Брвеница, е активен и упатено е барање до ДЗС за интервенција од воздух.

Северен (Скопски) Плански Регион

Во вечерните часови сите три пожари, кај село Никиштани, општина Ѓорче Петров, кај село Градманци, општина Петровец, и над село Црн Врв, општина Студеничани, се локализирани.