МАКФАКС

Помош за четирите семејства Мустафа чиишто домови изгореа во пожар

Помош за четирите семејства Мустафа чиишто домови изгореа во пожар
21.04.2017, 17:56

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими заедно со градоначалникот на Општина Шуто Оризари Елвис Бајрам, а во соработка со Црвениот крст на Град Скопје и Хуманитарната организација “Класот на добрината” на четирите семејства чии што куќи неодамна беа опожарени им доделија парична и химанитарна помош.

Семејствата на Ѓулер Мустафа, Екрем Мустафа, Рамадан Мустафа и Итгал Мустафа останаа без кров над главата по пожарот којшто ги зафати нивните скромни домови. Токму затоа, министерот Ибрахими при денешната посета на Шуто Оризари се сретна со нив при што им врачи Решенија за доделување на еднократна парична помош во висина на две просечни плати како првична помош за да може да санираат дел од штетите.

„Тука сме заедно со градоначалникот за да им доделиме еднократна парична помош на семејствата чии што четири куќи беа изгорени. Ова е во прв план, сакаме најбрзо да им помогнеме, но воедно сакаме да апелираме и до големите компнаии во Република Македонија да им излезат во пресрет на овие граѓани, дали во материјали или пак со парична помош со цел да им овозможиме побрзо да се вратат во нивните домови. Сепак се работи за семејства коишто имаат и мали деца и овие денови тие се буквално оставени на улица”, изјави во оваа прилика министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими при што им се заблагодари на Црвениот крст на град Скопје и на хуманитарната организација “Класот на добрината”.

Исто така, и градоначалникот на Општина Шуто Оризари Елвис Бајрам им додели Решенија за еднократна парична помош на четирите семејства Мустафа, а Црвениот крст на град Скопје и Хуманитарната организација “Класот на добрината” им поделија хуманитарна помош во облека, обувки, ќебиња како и хигиенски средства. /крај/со/ст

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *