Поповски-Дезир: Поздравени определбите за објективни и професионални медиуми во земјава

Поповски-Дезир: Поздравени определбите за објективни и професионални медиуми во земјава

Обезбедувањето независни, професионални медиуми и регулаторни тела е дел од демократизацијата на општеството. Република Македонија е на добар пат во обезбедувањето перспективи за медиумите, за своите граѓани и државата. Ова е констатирано на средбата помеѓу министерот за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија, Роберт Поповски, и Харлем Дезир – претставник за слобода на медиумите на ОБСЕ, придружуван од делегација на ОБСЕ.

На состанокот е поздравена отвореноста на Владата за носење на новиот закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги низ широка отворена експертска дебата со почитување на мислењата и препораките на ОБСЕ и на ЕК во делот на слободата на медиумите.

„Медиумите и новинарите имаат силна поддршка од новата Влада, којашто е цврсто определена кон слободата на изразување, професионално и објективно работење на медиумите и новинарите, без никакво политичко влијание или притисоци, или насилство од каков било вид, како што беше тоа случај во претходните години. Посветени сме кон создавање услови за целосна независност и професионализација на јавниот сервис, МРТВ, како и целосна независност и ослободување од какви било можности за влијанија врз регулаторот, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, рече Поповски.

Министерот објасни дека за сите случаи за напади врз новинари се води соодветна истрага и дека заложба на МВР и на Владата е тие да се расчистат до крај.

На средбата се разговараше и за новиот предлог-закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Министерот соопшти дека законот е направен по повеќе дебати со медиумската заедница и експертската јавност во земјава и дека е поставен на веб-страницата на Владата, каде што е ставен 20 дена на увид на широката јавност.

„Ќе имаме уште еден состанок со претставниците од медиумската заедница дотогаш за да ги слушнеме уште еднаш забелешките, доколку има нови, а сериозно ги разгледуваме и насоките на ОБСЕ, коишто се исто така транспарентно поставени на веб-страницата на Владата. По тоа, ќе излеземе со финален предлог текст до Владата за новиот закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, рече министерот.