Почина поетесата Лилјана Дирјан

Почина поетесата Лилјана Дирјан

Денес на 64-годишна возраст во Скопје почина поетесата и новинарка Лилјана Дирјан. Таа е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Била на студиски престој во Париз како стипендист на француската влада и Фондацијата „Губелкијан“. За своето творештво е наградена со признанијата „Студенстки збор“ и „Браќа Миладиновци“.

Поезијата на Дирјан е преведувана на повеќе јазици и застапена е во антологиите на македонската современа поезија. Со години Лилјана Дирјан беше главен уредник на списанието „Жена“, а беше и една од основачите на Друштвото на независните писатели на Македонија. Позначајни збирки поезија се „Природна појава“, „Жива мера“, „Пелин поле“, „Тешка свила“, „Приватни светови“, која беше и македонски претставник за наградата „Балканика“ во 2008 година, „Саѓе врз снегот“. Лилјана Дирјан ќе остане запаметена како голем соработник за литературното поврзување на регионот и како една од основачите и уредниците на познатото списание „Саревски тетратки“.

По повод смртта на истакнатата македонска поетеса и новинарка Министерството за култура испрати телеграма со сочувство до семејството.

„Лиле не беше само истакната писателка која се разликуваше од другите поети по својата автентичност, лиричност, по својата ерудиција и широки погледи кон светот, туку беше и жена борец, која правдољубиво ги бранеше своите ставови во литературата и во животот, што го покажа и со активностите како еден од основоположниците на Друштвото на независните писатели на Македонија. Во исто време Дирјан беше комплетно креативна личност и надвор од литературата и новинарството, која на разни начини го разубавуваше секојдневното постоење на сите околу неа. Дозволете од името на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, како и од Министерството за култура, да изразиме длабоко сочувство за вашата лична загуба, но и да ја споделиме тагата што целата културна јавност ја доживува со загубата на големата македонска поетеса и новинарка“, се вели во телеграмата на Министерството за култура.