Почнала пресметката за исплата на платите во „Фени“, вработените нема да имаат прекин во стажот

Почнала пресметката за исплата на платите во „Фени“, вработените нема да имаат прекин во стажот

Стечајниот управник на кавадаречкиот металуршки комбинат „Фени“, Мирослав Анастасиевски, утрово информира дека доверителите подносители на пријавата за стечај ги депонирале потребните средства на сметката на фабриката. Анастасиевски вели дека се прават подготовки за исплата на заостанатите плати.

„Првиот чекор кон стабилизација е исплата на платите на вработените за што е почната процедура за пресметка. Вработените ќе примат плата и ќе потпишат договори за вработување, без прекин на стажот, континуитетот ќе биде запазен, со што во целост се заштитени нивните права. Секој работник мора одговорно да пристапи во остварување на обврските и работните задачи. Сите барања на работниците се задоволени во согласност со законската процедура, затоа апелирам да не потклекнуваат на шпекулации, да се посветиме сите заедно на работниот ангажман и да покажеме дека ‘Фени’ може да биде успешна приказна на македонската економија“, соопшти стечајниот управник Анастасиевски.

Некои од вработените и за денес најавија штрајк со блокирање на патот Градско-Прилеп кај мотелот „Дреново“. Тие излегуваат на протест од понеделникот и настојуваат да останат на блокади сè додека не ја добијат платата.

Стечајната постапка за „Фени“ судот во Велес ја отвори пред една недела. Стечајот, според најавите на банките кредитори што го иницираа, за фабриката ќе значи реструктуирање и наоѓање нов инвеститор. Денес истекува рокот за склучување меморандум за разбирање со новиот инвеститор. Меморандумот со предлог-услови е испратен до сите заинтересирани, вклучително и конзорциумот во кој учествува бугарски „Енекод“.

(М.И.П.)