По Владата, Влатко Васиљ ќе работи во Град Скопје

По Владата, Влатко Васиљ ќе работи во Град Скопје

Влатко Васиљ, кој досега работеше во пиар-службата на Владата, го завршил ангажманот во Владата по негова желба за да почне со работа во Кабинетот на Град Скопје. Според нашите извори, ангажманот на познатиот твитерџија во Кабинетот на градоначалникот ќе се официјализира и ќе почне по Новата година.

Информацијата дека Васиљ ќе работи во Кабинетот на Град Скопје за „Макфакс“ ја потврди и шефот на кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов, Никола Наумоски.

Од Владата велат дека заминувањето на Васиљ никако не е поврзано со објавите на медиумите во однос на владината пиар-служба.

„Ангажманот на Влатко Васиљ е завршен на негово барање. До овој момент нема други кадровски промени во владината служба за односи со јавност“, велат од Владата за „Макфакс“.

Влатко Васиљ за „Макфакс“ вели дека заминувањето од владината пиар-служба е по негова желба и одлука, а не поради некаков јавен притисок во однос на објавите на „Макфакс“ за работата на пиар-службите на министерствата и владата и бројките на вработени во овие служби.

„Овој месец ми заврши авторскиот договор во Влада и по лично убедување и одлука, решив да не го продолжувам. За потсетување, таму немав никаква функција туку само партиципирав како соработник во делот на медија-мониторинг. За што следно понатаму, ќе бидете дополнително известени“, вели Васиљ за „Макфакс“.

Денеска исто така беше објавено дека Васиљ е еден од предлозите за член на Управниот одбор на „Културниот информативен центар – Скопје“. Тој е предложен како претставник на Градот Скопје, заедно со Методија Каловски и Егзона Алију.

За оваа функција засега немаме официјални информации која е висината на месечниот финансиски надоместок. Васиљ претходно беше дел од ангажираните во владината пиар-служба за кои „Макфакс“ објави дека се ангажирани на авторски договор и без оглас. Овој вид ангажман значи дека тие засега не се редовно вработени државни службеници, туку ангажирани лица за извршување одредена услуга или авторско дело.

Влатко Васиљ во владиниот пиар-сектор бил ангажиран во делот на медиа-мониторинг. „Макфакс“ објави дека во пиар-службите на Владата и министерствата работат најмалку 120 лица на различни работни места поврзани со односи со јавност. По реакциите на јавноста во однос на бројките и работата на пиар-службите, премиерот Зоран Заев изјави дека се планира намалување во однос на бројот на вработени во овие сектори.

Кристина Озимец