По истото сценарио како за „Македонија“ раскинат договорот на Грубишиќ за „Гричка вјештица“

По истото сценарио како за „Македонија“ раскинат договорот на Грубишиќ за „Гричка вјештица“

Додека случајот со играната серија „Македонија“ чека законска разврска по завршувањето на предистражната постапка на Јавното обвинителство и истрагата на Финансиската полиција за трагата на парите што се одлеани, а производот го нема, во хрватскиот портал „Индекс“ вчера осамна инфорамција за уште едно раскинување на договор со продукцијата „Јадран филм“ и Винко Грубишиќ. Речиси по истото сценарио, како што пишува порталот, од снимањето на помпезно најавуваната серија „Гричка вјештица, која требала да се прикажува на Хрватската национална телевизија, нема да има ништо. Договорот, како што велат, е раскинат на 6  ноември годинава поради неисполнување на обврските од договорот.

„Потсетувме, пред една година, два дена пред да престане да ја врши функцијата директорот на ХТВ, Синиша Ковачиќ потпишал вонсудски договор со „Јадран филм“ според кој, со 9,6 милиони куни, односно 1,6 милион куни од епизода, мора да се финансира екранизацијата на романот на писателката Марија Јуриќ Загорка, „Гричка вјештица“, пишува „Индекс“, кој се повикува на информациите што прв ги објавил, а се однесувале на предупредување од штетноста на договорот.

Управниот одбор на ХТВ во јуни годинава бил загрижен од резултатите на надзорот за вонсудскиот договор со „Јадран филм“ и целата документација е предадена на Државното обвинителство на Хрватска.

Во потрага по вистината „Макфакс“ побара потврда за овие обвиненија на хрватското обвинителство и очекуваме официјален одговор.

Инаку, по владината одлука за прекинување на договорот со „Јадран филм“ за 4,6 милиони евра, од кои на продукцијата ѝ се префрлени 1,2 милион евра, и деталите што ги изнесе директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, до македонските медиуми во континуитет стигнуваат соопштенија од „Јадран фим“ со контраргументи и лични престрелки со Тозија.

Осамна и трејлер од серијата „Македонија“ и една сцена од 40 секунди, од која јавноста треба да добие впечаток дека поради исмејување на актулениот директор на Агенцијата за филм, серијата била забранета.

Банкарската гаранција за која Грубишиќ зборува во соопштенијата дека ја понудил е нејасна бидејќи таа, според Законот за филмот, требало да ја има на самиот почеток на потпишувањето на договорот.

Исто така, нејасно е зошто Грубишиќ топката ја префрла за незаконско прекинување на договорот затоа што во Агенцијата за филм оваа одлука е донесена без Управниот одбор бидејќи оваа одлука беше донесена од Владата по вонредниот инспекциски надзор на надлежните институции.

Материјал од серијата, поточно од нејзината прва сезона, не е донесен во Агенцијата за филм до договорениот датум 4 септември, а Грубишиќ тврди дека епизоди има. Како доказ тој најавува дека веројатно на јавноста ќе ѝ биде пласирани, како што тоа веќе беше со трејлерот, и сцената од 40 секунди преку каналот „Јутјуб“. Сега се отвора прашањето дали тој материјал се снима во моментот по некое ново сценарио или е во прашање нешто трето.

Порталот „Индекс“ исто така наведува и недоразбирања за сценариото на „Гричка вјештица“, односно дека било побарана промена, како и незаконитости за договорите за дополнителни средства за серијата.

Редакцијата на „Макфакс“ продолжува да ја истражува вистината и очекува информаци од надлежните институции. (А.В)