По посетата на Аеродром, Шилегов денеска со граѓаните на Карпош

По посетата на Аеродром, Шилегов денеска со граѓаните на Карпош

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ,  Петре Шилегов, во текот на десеттиот ден од кампањата за локални избори ја посети општина Аеродром. Оствари уште една средба со граѓанските активисти од иницијативата „На точак“, со кои разговараше за инфраструктурни проекти со кои се овозможува непречен пристап за велосипедистите низ градот.

Шилегов ги посети дуќаните и продавачите во трговскиот центар во населба Лисиче, а го посети Усјанскиот Канал и депонијата во тој дел од градот.

„По победата на 15 октомври, Скопје повторно ќе стане град на хуманитарноста. Хуманитарноста ја враќаме како еден од нашите врвни приоритети. За разлика од досега, ранливите категории граѓани, а наши сограѓани, лицата со посебни потреби коишто беа ставени на маргините на општеството, ќе бидат во еден од приоритетите за нивно вклучување во системот за обезбедување можности за квалитетен живот, нормално секојдневие и ефикасно функционирање. Во тој контекст, секоја следна градска политика, инвестиција, секој тротоар и плоштад, лифт или зграда кои се под надлежност на градот и на општините и се составен дел од градот мора да бидат инклузивни и за оваа категорија граѓани. Градот на солидарноста не ги заборава луѓето од улиците. Градиме преноќевалиште за бездомници, со што ќе обезбедиме покрив над глава за секого во ладните скопски ноќи, и ќе нудиме и бесплатни оброци, основна здравствена хигиена. Новата градска администрација ќе обезбеди ефикасен пристап до европските средства, кои досега целосно беа занемарувани. Преку нив ќе работиме на системска поддршка на бездомниците и на сите категории граѓани на кои тоа им е неопходно“, порача Шилегов од Аеродром.

Во текот на вчерашниот ден посети и слаткарница, кафулињата и ќебапчилница во населба Лисиче, како и штандовите кај Тобако 1 во близина на трговскиот центар Бисер.

Денеска на агендата на кандидатот за градоначалник за Град Скопје, Шилегов, е општина Карпош. Тој ќе го посети „Кино култура“, по што ќе оствари голем број средби со граѓаните од населбите Тафталиџе и Карпош 4.