МАКФАКС

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ „тераат по свое“, од СДСМ бараат да се зборува по точката од дневниот ред

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ „тераат по свое“, од СДСМ бараат да се зборува по точката од дневниот ред
21.04.2017, 12:36

 

Шеснаесеттото продолжение на конститутивната седница поминува во меѓусебната дискусија на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

На дневен ред сѐ уште е дискусијата по осмиот од пријавените 50-тина пратеници, Љупчо Димовски. За разлика од вчера, кога пратениците на СДСМ цел ден молчеа, денеска на самиот почеток се јави пратеникот Љупчо Николовски, кој побара од претседавачот Трајко Вељановски да ги прекинува или да им го одзема зборот на пратениците кои не зборуваат по точката од дневниот за верификување на Комисијата за избори и именувања.

„Господине Вељановски, покажавте како се крши и Уставот и Деловникот. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ зборуваат, вие не ги прекинувате.Ниту еден збор не се кажа за точката од дневниот ред. За ваквата блокада треба да се сноси одговорност. Земјоделците веќе трпат и не можат да се исплатат субвенциите, а од следниот месец ќе бидат доведени во прашање и пензиите и платите“, рече пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски.

Претседавачот Трајко Вељаносвки рече дека пратеникот Николовски не бил во право и му читаше дел од стенограмскиот текст на пратеникот Љупчо Димовски. Вељановски побара да се држат пратениците до точката од дневниот ред, но и да не се јавуваат за процедурално затоа што така побрзо ќе се истрпела расправата.

Сепак, за процедурална забелешка се јави и Илија Димовски, кој побара од Вељановски да има ист третман кон сите пратеници.

„Колегата Николовски, немаше ништо процедурално во неговата забелешка. Ако е така, тогаш и ние ќе се јавуваме за процедурално и ќе го користиме да си кажеме што имаме. Бараме да имаме еднаков однос“, рече Димовски.

Во меѓувреме тече седницата на која по кратките процедурални обвинувања, повторно на говорницата се вратија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои веќе 16 дена ги повторуваат истите ставови и тези околу т.н. платформа, за што најавија дека нема да се откажат од дебата, без разлика колку ќе трае..крај/мф/гд

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *