Пратениците предлагаат измени во составот на ДИК пред почетокот на изборната кампања

Пратениците предлагаат измени во составот на ДИК пред почетокот на изборната кампања

Составот на Државната изборна комисија не соодветствува со составот на пратеници во Собранието, односно во ДИК не е застапена политичката партија од опозицијата со втор најголем број пратеници во собранието, пишува во предлог-законот за измени и дополнување на Изборниот законик, поднесен од група пратеници. Предлогот се однесува на Движењето Беса од каде бараат свој претставник во ДИК на местото на Бедредин Ибраими, делегиран од ДПА. Како основна цел поради која се предлагаат измените е наведено усогласување на составот на ДИК со составот на пратеници.

Заради надминување на оваа состојба во составот на Државната изборна комисија, потребно е да се направат измени со кои повторно ќе се воспостави концептот на усогласување на составот на Државната изборна комисија со резултатите од последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, пишува во предлгот на кој се потпишани координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Беса. Тие предлагаат во периодот од распишувањето на изборите, но не подоцна од 30 дена пред денот на нивното одржување, Собранието да го усогласува составот на Државната изборна комисија, како и да се додаде нов член во законот:

„Собранието на Република Македонија, во постапка утврдена со ставовите 2 и 3 на овој член, ќе го усогласи составот на Државната изборна комисија во согласнот со членот 27 став (5) од овој законик најдоцна до почетокот на изборната кампања за изборите кои ќе се одржат на 15 октомври 2017 година за избор на членови на советите на општините и советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје. Собранието го огласува изборот на член на Државната изборна комисија во ‘Службен весник на Република Македонија’ и во дневниот печат. Огласот трае пет дена од денот на објавувањето во ‘Службен весник на Република Македонија’. Претседателот на Собранието ја известува политичката партија во опозиција, во рок од 24 часа од приемот на известувањето за пријавени кандидати по огласот од ставот 2 на овој член, да му достават предлог за член на Државната изборна комисија. Доставениот предлог Комисијата за прашања на изборите и именувањата го утврдува и веднаш го доставува до Собранието на Република Македонија.“

Измените се бара да се донесат по скратена постапка. А предлогот доаѓа на барање на Беса, кои веќе неколку месеци инсистираат нивни член да седне во ДИК. Претходно се обратија и до Владата за мислење, а побараа и автентично толкување на Изборниот законик.

Г.Н.Р