(Видео) Судењето за Груевски, Пешевски и за Јанакиески одложено, бараа снимање

(Видео) Судењето за Груевски, Пешевски и за Јанакиески одложено, бараа снимање

Поради барање на одбраната за тонско и визуелно снимање, одложено е судењето за случајот „Траекторија“, во кое обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, за злоупотреба на службената положба и овластувањата за лични цели.

„Одложено е поради тоа што не е снимено и не се снимаше. Во законот се вели дека мора видео или тонски да се снима. Сакаме сè што се случува и сè што се кажува да не внимаваме што е запишано во записникот, туку да биде сè снимено. Ако нема услови за снимање, нека го променат законот“, рече адвокатот Еленко Миланов.

Груевски, Пешевски, Јанакиески и Георгиевски се обвинети дека во 2012 и во 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да стекне имотна корист.

К. Ландов