Прв лет на Катар ервејс од Доха до Скопје  

Прв лет на Катар ервејс од Доха до Скопје   

Првиот редовен, директен, лет од Доха до Скопје денеска беше реализиран на скопскиот аеродром „Александар Велики“. Новата рута до главниот град на Република Македонија ќе се реализира четири дена неделно со воздухоплов „Ербас А320“, што има 12 седишта во бизнис и 132 во економската класа. Новата услуга на „Катар ервејс“ ќе ја поврзе Република Македонија со повеќе од 150 интернационални дестинации на глобалната мапа на летови.

Патниците од Доха беа пречекани со воден мост и традиционална македонска закуска од генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, придружуван од министерот за траспорт и врски Горан Сугарески и амбасадорот на Катар во Македонија, Хасан Бин Абдула Заид Ал Махмуд.

„Ова лето е навистина исполнето за „Катар ервејс“, како што тече нашата експанзија во Источна Европа. Нашата нова четиридневна услуга до Скопје е долгоочекуван додадок на нашата глобална мрежа на рути. Таа ќе ни овозможи да ги поврземе и бизнис-патниците  и туристичките патници до и од Република Македонија. Со нетрпение очекуваме да им посакаме добредојде на патниците на летовите за овој одушевувачки град“, изјави извршниот директор на „Катар ервејс груп“, Акбар Ал Бакер. 

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој, изјави: „Огромно е нашето задоволство од пречекот на првиот лет Доха-Скопје-Доха, авиолинија  која  ќе биде опслужувана четири пати неделно, како и од влезот на „Катар ервејс“ на македонскиот пазар, како еден од најценетите брендови меѓу авиокомпаниите во светски рамки. Доха ќе биде многу атрактивна нова дестинација за македонските граѓани, за туристички патувања, како и за бизнис-посети, и ќе ги поврзе со  150 дополнителни дестинации во светот“.