Прв Форум за управување со интернет во Скопје

Прв Форум за управување со интернет во Скопје

Во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи денеска се одржа првиот годишен Форум за управување со интернет – ИГФ МКД,  кој има цел да ја подигне свеста и да промовира подобро разбирање на управувањето со интернетот.

Форумот, според организаторите, е посветен на решавање на прашањата, како што се слободниот пристап, инфраструктурата, квалитетот на услугите, локалните содржини и локалните апликации, потоа кибер-безбедноста, политиките и регулаторната средина и балансираната родова застапеност. Тие се обидуваат преку разните засегнати фактори на една платформа да направат широка дискусија за предизвиците со кои се соочуваат и преку дискусијата да предложат решенија.

На Форумот беше истакнато дека сопствениците на веб-страници на интернет би требало да бидат обврзани да мора да остават вистински податоци и тоа да се прави на меѓународно ниво.

„Може да бидеш кој било, каде било во светот, а да продаваш што сакаш со минимален ризик за понатаму да ти се случи нешто. Постапките се релативно успешни, 71 отсто од постапките се отстранети. Гледаме колку е важно сервис-провајдерот да одговара на нашите барања за затворање на таа страница кога очигледно продаваат фалсификат производи кога рушат некакви права на интелектуалната сопственост. Не одиме само на отстранување, преземаме и мерки кон тие провајдери што нудат фалсификат производи. Иако процесот е тежок, се обидуваме докрај да го завршиме.

Социјалните мрежи се тешки за пребарување, честопати гледаме дека се во групи. Преку нашите онлајн-истражувачи откривме начини да дојдеме до многу профили и ги користиме социјалните мрежи  за да дојдеме од онлајн до офлајн“, истакна една од говорниците на Форумот.

На ИГД говореше и сопственикот на порталот „Сдк.мк“, кој истакна дека во земјата ситуацијата со авторските права е лоша .

„За жал, кога се работи за авторските права, ние сме во катастрофална ситуација. Немаме автори на текстови, нема потврда за таа информација, утрово се појави веста дека е уапсен Митко Чавков и во рок од половина час немаше никакво придвижување на интернетот бидејќи посериозните медиуми не може да го објават тоа без да го проверат. Но, кога информацијата се проби, кога почна копи-пејст новинарството, па еден дознал, па трет дознал, се појавија хаотични прикаски кои буквално ја скицираа состојбата на македонското интернет-новинарство“, рече Михајловски.

Според координаторот на Форумот, Александар Ичоќаев, Форумот се стреми да ги идентификува локалните проблеми и да се предложат решенија преку обезбедување можност за зајакнување на капацитетите на младите луѓе. Се прави обид и да се идентификуваат нови проектни идеи во соработка со локални и со меѓународни експерти, споделување знаења и искуства и да се помогне во создавање широка платформа за расправа за прашањата на управувањето со интернетот во Македонија.