Предлог-законот за јазиците помина на Комисијата за политички систем

Предлог-законот за јазиците помина на Комисијата за политички систем

Предлог-законот за употреба на јазиците денеска беше поддржан од собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. Пратеникот Антонио Милошоски оцени дека законот води кон целосна двојазичност и федерализација на земјава, дека е неуставен и ќе ја зголеми недовербата меѓу Македонците и Албанците.

Милошоски смета дека со донесувањето на овој закон ќе има глоби за судовите, обвинителствата, училиштата, универзитетите и сите установи кои нема да го спроведат.

Независниот пратеник Ферид Мухиќ  рече дека предлог-законот е уставен и се базира на амандманот 5 од Уставот, кој предвидува јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните исто така да е службен јазик.

Ставот на Беса е дека употребата на законот треба да се усвои со консензус. „Да имаме заеднички заклучок од сите политички партии и ова прашање да се затвори еднаш и засекогаш“, рече Африм Гаши од Беса. Според него, со употребата на албанскиот јазик како службен ќе се зајакне стабилноста на државата, ќе се зближат граѓаните и тоа ќе биде добро за целото општество. Шпреса Хадри од ДУИ, пак, смета дека предлог-законот е од исклучително значење затоа што станува збор за едно универзално право кое луѓето треба природно да го уживаат.

Предлог-законот за употреба на јазиците е на дневен ред на денешната 15. седница на Собранието.