Предупредување од Трамп: Американски бомбардери прелетаа над Корејскиот Полуостров

Предупредување од Трамп: Американски бомбардери прелетаа над Корејскиот Полуостров

Американски бомбардер денес прелетал над Корејскиот Полуостров во рамките на заедничките воени вежби со Јужна Кореја, во кои се вклучени стотици авиони, што е јасно предупредување откако Северна Кореја минатата недела ја тестира својата досега најголема и најмоќна ракета.

Здружениот Генералштаб на јужнокрејските вооружени сили соопшти дека американскиот суперсоничен бомбардер „Б-1Б“, чија база е на островот Гуам, симулирал воздушни напади врз копното во близина на источниот брег на Јужна Кореја.

„За време на воените вежби јужнокорејските и американските воздушни сили покажаа цврста намера и способност да ја казнат Северна Кореја кога земјата се закани со своето нуклеарно оружје и ракети“, стои во соопштението.

Надлетувањата со бомбардери од типот „Б-1Б“ станаа вообичаена форма на демонстрирање моќ кон Северна Кореја, која по трите теста со интерконтинентални балистички ракети јасно покажува дека се прави напредок во создавањето нуклеарен арсенал што може да ја загрози територијата на САД.

Во петдневните воени вежби на јужнокорејските и американските сили, кои започнаа во понеделникот, учествуваат повеќе од 200 авиони, меѓу кои и шест американски „Ф-22“ и 18 невидливи ловци „Ф-35“.