Шилегов допрва ќе прави стратегии за загадениот воздух

Шилегов допрва ќе прави стратегии за загадениот воздух

Мерните станици за квалитет на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање изминатите денови покажуваат високи концентрации на ПМ10 честичките. Изминатите денови најзагаден беше воздухот во Лисиче. И покрај овие статистики, Град Скопје и новиот градоначалник сè уште тактизираат како ќе реагираат. Тие во изјава за „Макфакс“ велат дека веќе е подигнато нивото на мобилност на градските служби, односно инспекциските органи со цел да се санкционираат палења на јавни површини, па истите се казнуваат со казна од 3000 денари.

„Сепак, ова е само иницијална активност и мора да се соочиме со фактот дека проблемот нема да се реши веднаш, дека патот ќе биде долг и тежок и дека бара многу посветеност и добра волја од сите засегнати страни за да се изнајде решение за загадувањето“, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.

Пред  два месеца Шилегов најави дека стратегијата е подготвена, а како градска власт веднаш по изборите ќе преземе низа краткорочни мерки за намалување на загадувањето. Место ова, тој во изминатиот период излезе со препораки до граѓаните, а новата градска власт сè уште тактизира и не спроведува конкретни чекори.

„Планираме посебен третман да има најголемиот причинител на загадувањето, а тоа е огревот во домаќинствата. Главен проект ни е гасификацијата на домовите. Предвидуваме нови паркови, но и дополнителна заштита на старите паркови и парк-шуми во Скопје. Наметнуваме обврска за садење дрвја за секој изграден стан, но имаме и други иновативни пристапи“, дополнуваат од кабинетот на Шилегов.

Единствена конкретна мерка на Град Скопје од изминатиот период е забраната за одење со автомобили до Водно, која ќе се имплементира од 15 ноември. Од новата градска власт за „Макфакс“ велат дека  конкретизирањето и активирањето на мерките ќе се динамизира во соработка со институциите и во координација со граѓаните и невладините организации со што ефектот од спроведените политики за заштита на воздухот во наредниот период ќе резултира со потцртаните цел – град во кој се диши чист воздух.

К. Ландов