Премиера на филмот „Вонземјанин: Завет“ во Скопје

Премиера на филмот „Вонземјанин: Завет“ во Скопје

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во визуелните ефекти на филмот „Вонземјанин: Завет“, продолжение на филмот „Прометеј“ од 2012 година.
На 18 мај, во киното Синеплекс почнува со прикажување новиот сиквел на филмот „Вонземјанин“, новиот проект на режисерот Ридли Скот, а според сценарио на Џон Логан и Данте Харпер.


Во главните улоги настапуваат Мајкл Фасбендер, Кетрин Ватерсон, Били Крадап, Дени Мекбрајд и Демиан Бишир, кои на вселенскиот брод наречен „Завет“ се упатуваат кон планетата Ориџ 6, со намера да ја колонизираат со 2000 патници на бродот и преку 1400 ембриони. Но, неутронски шок бран го оштетува бродот и додека екипажот се обидува да го поправи, добиваат сигнал на емитувана порака од Елизабет Шо, како последица на катастрофалната мисија „Прометеј“. И, секако, како во секој одличен увод во добра научна фантастика, наспроти отпорот на дел од екипажот, сепак, се донесува одлука да се истражи потеклото на сигналот од блиската навидум ненаселена планета.
Кристијан Даниловски, ко-сопственик и еден од основачите на ФХ3Х, за работата на овој проект изјави дека на филмот работел тим од околу 110 артисти во периодот од ноември минатата до јануари оваа година.


„Фановите на жанрот научна фантастика со особено нетрпение го исчекуваат овој филм, како што се исчекува и секој нов проект на Ридли Скот. Освен што е продолжение на филмот ‘Прометеј’ од 2012 година, ова е шести дел од филмскиот серијал ‘Вонземјанин’. Верувам дека в четврток сите ќе уживаме“, изјави Даниловски. крај/мф/