Претседателот Иванов на одбележување на празникот Св. Трифун во Кавадарци

Претседателот Иванов на одбележување на празникот Св. Трифун во Кавадарци

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на православниот празник Свети Трифун присуствуваше на традиционалното закројување на виновата лоза во Кавадарци.

На градскиот плоштад претседателот Иванов со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, и митрополитот повардарски Агатангел симболично ги закроија виновите лози и упатија желби за родна година.

Македонскиот претседател им го честита празникот на граѓаните и во духот на нашата традиција посака св. Труфун на лозарите да им донесе многу бериќет, а на винарите квалитет.

„На овој ден посакуваме годината да биде родна и благородна, да биде успешна не само за винарите и за лозарите туку и за сите нас“, рече претседателот Иванов.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, порача дека годинашното одбележување на Свети Трифун треба да биде почеток за една нова состојба и нови стандарди во лозарството.
„Винарските визби да бидат тие што ќе прават добро вино, лозарите добро грозје, а државата да биде таа што ќе нè заштити, заедно со Општината, за грозјето и родот да ни се плаќа навреме“, рече Јанчев.

Во духот на македонската традиција претседателот Иванов секоја година присуствува на свеченото одбележување на Денот на лозарите и големиот христијански празник – Св. Трифун. Минатата година македонскиот претседател присуствуваше на симболичното закројување на виновата лоза во Демир Капија.