Притворените патриоти само ја продолжуваат борбата на Карев, Сандански и на Ќосето, порача ВМРО-ДПМНЕ

Притворените патриоти само ја продолжуваат борбата на Карев, Сандански и на Ќосето, порача ВМРО-ДПМНЕ

Сите 36 луѓе се жртва на политички реваншизам и прогон од страна на антидржавната хунта на СДСМ. Сакам од овде да им порачаме малку да се завртат назад и да ја прочитаат историјата, да видат и да се уверат дека ВМРО-ДПМНЕ не потклекнало и пред многу други предизвици и во многу потешки времиња, ВМРО надживеало империи, војни, надживеало вештачки творби од држави, а исто така ќе го преживее и ова денес. Овие наши патриоти само ја продолжуваат борбата на Карев, Сандански и на Ќосето, не смееме да дозволиме нивната жртва да биде залудна, ќе се бориме за Македонија, македонскиот народ и македонската држава, изјави Александар Нацев на вечерашниот протест на ВМРО-ДПМНЕ пред кривичниот суд.

Денеска, додаде тој, Јохан, Илија, Жаклина, Крсто и Горан се новите Ченто, Брашнаров, Богдановски на современата Македонија и тие ќе бидат запишани во историјата како такви.

Светлана Колариќ рече дека СДСМ ја замолкна правдата во Македонија, судовите и судиите под притисок на партијата на власт судат политички и под партиски притисок и директива.

„Терористи и тешки криминалци, убијци и разбојници се на слобода и ќе бидат ослободени во наредниот период од затворите, а нивните места се заменуваат со луѓе кои се невини, луѓе кои се залагаат за унитарниот карактер и историскиот идентитет на Македонија“, рече Колариќ.

Според неа, Судот целосно се ставил во политичка функција и наместо на страната на правдата, прифатил да биде на страна на политика кон сите оние кои не мислат како нив.

„Под притисок денеска апелација ги отфрли жалбите на тројцата наши браќа кои се во Шутка, под притисок Апелација прифати незаконски следени комуникации во неколку предмети на СЈО да бидат докази со што човековите права, меѓународните и домашните закони СДСМ, судот и Министерството за правда ги множат со нула“, рече таа.

Дејан Митески рече дека вечерва по десеттипат се собрале со цел да му пренесат на Судот да ги почитува правото и законите, а при одлучувањето да не подлегнува на уцените и нарачките на власта.