Притвор за двајца разбојници кои ограбија фирма во Ѓорче Петров

Притвор за двајца разбојници кои ограбија фирма во Ѓорче Петров

Двајца разбојници кои на 30 август ограбија фирма во Ѓорче Петров добија притвор.

Скопското обвинителство соопшти дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка за четири лица на кои им се става на товар дека сториле кривично дело разбојништво.

Настанот за кој се води постапка се случил на 30 август во раните утрински часови, кога четворицата осомничени насилно влегле во просториите на правно лице во населбата Ѓорче Петров. Во групата осомничени лица е и вработен кај правното лице, кој цело време носел фантомка на главата за да не биде препознаен.

„Групата осомничени била плански организирана, па додека еден од осомничените бил надвор и внимавал некој да не наиде, другите тројца упаднале во пријавницата на објектот на правното лице извршувајќи вербален и физички напад врз чуварот вработен во фирмата. Со закана од огнено оружје, успеале од чуварот да дознаат каде се клучевите од сефот на фирмата и да му го одземат паричникот и мобилните телефони. Двајца од сторителите се упатиле во просторијата каде се наоѓал сефот на фирмата, но во тој момент добиле дојава од нивниот соизвршител дека кон правното лице се приближува полициско возило. Осомничените се дале во бегство фрлајќи ги одземените предмети“, соопшти скопското обвинителство.